Добро е, засадени се 40.000 садници, ќе има ли уште?

Досега соголените терени во близина на велешкото езеро Младост како и кај месноста Ќојлија во скопски Петровец се пошумени со цели 40.000 садници. Во изминатите два месеци, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Национални шуми, волонтерите од спонзорски фирми и локалното население засадија околу 10.000 садници во Ќојлија и 30.000 на опожарените терени околу велешкото езеро. Сето ова беше резултат на акцијата за пошумување на шумските насади наречени „Сончева гора“ кој уследи по акцијата за чистење на отпад – „Генералка викенд 2022“. А акцијата имаше за цел за секои 10 килограми отпад што ќе се соберат ширум земјава, да се посади по едно дрво.

-Еко-акцијата беше спроведена во 26 општини ширум земјата, а во неа учествуваа над 8000 волонтери, со што заслужено го доби приматот – најмасовна еколошка акција која досега била спроведена во нашата земја, изјавија од МЗШВ.

Засадените околу 40.000 садници се еквивалент на вкупниот отпад од приближно 400 тони, собран во 2021 и 2022 година.

Целта на „Генералка викенд“ и „Сончева гора“ е да се исчисти земјата од отпадот на минатото и да се рециклираат во зелена иднина во следните десет години – од 30-ти до 40-тиот роденден на нашата земја.

Сега, останува да се покаже и грижата кон садниците за да тие опстанат и се развиваат. Но, најважно е што ваквите акции за пошумување се организираат да се во земјава имаме што повеќе шуми, но и да се ублажат последиците од катастрофалните пожари. Со тоа ќе се помогне и во обновувањето на шумскиот фонд кој е на удар на дрвокрадците кои безмилосно ги сечат дрвјата. Оттаму, добро е што се има вакви акции но уште подобро ќе биде тие да продолжат и понатаму со други слични и во другите делови од Maкедонија.