Добро се испотивме вежбајќи латино танци и тоа не донесе до светскиот врв

Танчери од „Eat the beat”

Талентот кај секое дете е еден процент од успехот, се останато е напорна работа. Ова е максимата со која се раководи танцовото студио „Eat the beat”, а кое до сега очигледно се покажало успешно. Лани, детската група од ово студио стана светски шампиони во категоријата, детскот латино шоу, на Светското првенство што беше одржано во Сараево, БиХ. Конкуренцијата навистина била голема – 14 детски групи од околу дваесетина земји од светот. А потврдата дека се работи за вонсериски таленти се гледа и од фактот што детската група и пред две години го освоила светскиот трон на првенството во Атина. Сето тоа најмногу е заслуга на Мила Илиќ-Анчева, Бориана Илиевска, Ива Пеливанова, Александра Митеска, Мила Мирчевиќ, Михаела Пејовска и Миа Коневски, кои во Сараево ја извеле кореографијата „Штрумфови“ што им ја подготвила нивната инструкторка Симона Веселиновска-Карадакоски.

-Зад ова признание стои нивниот талент, посветеност, редовност на часови, гледање на танцот како нешто повеќе од хоби, желбата да се постигнува успех, тимска работа, а воедно и дружбата помеѓу децата, ни објаснува Симона.

Децата со години тренираат танц. Некои 3 години некои 4,5, а од пред 3 години играат заедно и се одличен тим. Вежбаат по трипати неделно, а кога имаат подготовки за првенства и повеќе од тоа.

-Сето тоа воопшто не ни паѓа тешко оти знаеме дека мораме да бидеме целосно подготвени, да се покажеме во најдобро светло, да играме како еден. Сите ние сакаме да танцуваме, но да се биде добар танчер и да се победува е тешко. Латино танци не се лесни и треба добро да се испотиме за да ги совладаме. Благодарение на нашата желба да играме и на нашите учители во тоа и успеваме, ни рекоа децата.

Вежбањето на латино танци не е чест случај кај нашите деца, а освен нив тие вежбаат и хип хоп. Заради ова мошне тешко е да се пронајдат таленти со кои што вреди да се работи и од нив да се направат шампиони.

-Како и во секој спорт така и во танцот, потребно е константно вложување, посветеност, напорно тренирање, посетување на натпревари, семинари за танц, констатно надоградување на знаењето. Се радувам што сега имаме една талентирана генерација која што сака да го развива својот талент. Јас и моите колеги ќе им помагаме во тоа, потенцира Симона Веселиновска-Карадакоска.

Таа укажува дека е жално што некои талентирани танчери не до крај го развиваат својот талент.

-За жал, кај повеќето танчари кај нас, кариерата им завржува на 16, 17, 18 години, кога почнуваат со средно образование и факултет. Оние кои се решиле да продолжат да танцуваат повеќето ги напуштаат нашите граници и сонот за танчерска кариера го бркаат во странство. Се надевам дека тоа нема да биде случај и со оваа генерација на наши таленти, потенцира таа.

Титулата ќе се брани во Скопје

Годинава овие таленти ги чека нов предизвик и тоа на домашен терен.

-Светското првенство во латино шоу годинава ќе се одржи во Скопје во ноември. Веќе сега чувствуваме возбуда од тоа како ќе се претставиме пред нашата публика и дали ќе успееме да го повториме успехот. Веќе почнавме со вежбите и со новата кореографија која ќе биде изненадување, ни рекоа нашите талентирани танчери.