Додека Европа и Балканот се дриблаат, доаѓа пазарен Џингиз Кан

Колумна на Самуел Садикарио-Колономос:

Муабетејќи нешто со другарите, демек колку сме „важни“ во светот, ми падна на памет да ја напишам оваа мала колумна. Во гимназија учевме една приказна на латински „de taurus et de mosca“ (за бикот и комарецот). Комарецот слетал на рогот на бикот, а кога си одел му рекол „си одам бе и не ти сметам повеќе“. Еј што фраери (комарци) сме бре бре? Во суштина разочаран си синко, многу…го знам тоа. Од измама синко … со „слатки зборови“ ти летна се – „приватизација“, „пазарна економија“, „демократија“, „нов либерализам“ – ете ти економски Чернобил и „итна хирургија на мислење, сопство, припадност и достоинство“. И сега „что дјелает“ како би рекле Чернишевски и Лењин та пукна Русија. Ах пак комунизам, зар не се откачивме? Драги мои, транзицијата беше нашето очекување, песна, романса, надеж, лек за подобро општество и правда. Ги најдовме ли? Бидете искрени према себе – за никаде сме! Џипси-маџик супер стар. ДВЕ НАПОМЕНИ: Европа се фашизира (Франција, Австрија, ХДЗ, Бугарија…) и се деконструира (распад на Европа значи – војна!). И друго запомнете, светот воопшто нема да ве цени затоа што сте гениј, добар човек, или учен и имате некои историски, морални или свети вредности. Не,не.не,неее! Епа што тогаш? Што може Македонија (па и Северна ако сакате) да прави? Прв принцип се парите. Пара е моќ, живот, дишење. Ако имаш силна кумулација (банки, берзи) – интересен си, ти си Швајцарија, Лихтенштајн, Емирати (немој да мислите дека само од нафта живеат) или Израел. Без пари си булши…отпад, леш. Никој не сака „голтараана“. Бев инволвиран во вакви стратешко-инвесто-политичко-лобистички операции, та имам искуство троа. НАШИ ЈАДНИ „ТРАДИЦИИ“ СЕ – ЗАВИСТ, КОЧНИЦИ, ПРОВИЗИИ И НЕГАТИВНА КАДРОВСКА СЕЛЕКЦИЈА – во секојдневниот живот и политиката (сите влади, сите партии, сите олигарси – апсолутно до сега и од сега). Секоја иницијатива оди во канта за ѓубре! (Сетете се на Ауди и електричните возила). Ете затоа сме булш… Да се лечиме богами! Втор принцип се патните коридори – 8 и 10, кон Кина и Русија. Но никој не дава инвестиција од една и повеќе милијарди евра, бидејќи повратокот е спор, освен 2 опции: француска (Систра) и Кинеска (влезена е во Србија). Се изредија сите влади/партии и сите директно бараа гига-провизии (море ги „џепосаа“, па се на црни листи во САД). На кратко, политичарите и полит-олигарсите покажаа неспремност, непознавање, нечесност и простачка криминофилија. Драги деца, не може со менталитет итар-пејовски и џебо-филски да има економија. Нема. Друг реален инвеститор е Кина, но тоа значи озбилно задолжување. Балканот е скриена Кинеска колонија. Америка реагира, но недоволно. Трет принцип е притисок. Опасност од руска присутност (можна инвазија, енергетски коридор) е страв и трепет за западните сили – заради што всушност сме и примени во НАТО. Фамозните „договор-конфликти“ со Бугарија се циркус и понижување (на пр. Историската комисија). Нивните олигарси шуруваат со нашиве „подлизуроиди“ – а кој ги дава парите? Притисок се и бегалците (биолошки притисок). Ние сме тотално несвесни какви демографско-криминално-терористичко-воено-пандемиски последици носи овој проблем. Бонжур Евроџамахирија. НИЕ МОРАМЕ да научиме вешто да манипулираме со сите притисоци за да добиеме концесии, прием во ЕУ и да бидеме „посакувани“. Голтарите се аутсајдери. ЗА КРАЈ: додека Европа и Балканот се дриблаат и глупираат, Кинеската империја доаѓа (пазарен Џингиз Кан). До каде? Чао.