Нови, зголемени, цени денеска се определени за дел од зеленчукот како корекција на претходната владина одлука за замрзнување на цените на одредени видови на овошје и зеленчук. Килограм домати и краставици ќе се продаваат по цена од 95 денари, пиперките ќе чинат 100 денари, а кромидот доби цена поскапа за 10 денари од претходната и сега ќе чини 70 денари за килограм.
-Останатите цени на зарзаватот остануваат исти и не смеат да бидат повисоки од 100 денари за килограм, освен леќата која чини 110 денари. Ова е од причина што од 28 март досега, увозниците доставиле пологични фактури, од кои може да се види дека на берзите има зголемување од 30 отсто на одредени видови зарзават, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Прашан како го коментира фактот дека речиси и да нема свежа понуда на зеленчук, министерот ја спореди „празнотијата“ на пазарите и на рафтовите во маркетите, со игрите на пекарите.
-Сега ги задолживме увозниците и трговците да набавуваат 70 отсто од прометот во јануари и февруари и ако не го сторат тоа ќе бидат казнети според Законот за трговија. Контролите се во тек и нема да запрат. На лажните фактури мора да им се стави еднаш засекогаш. Царината веќе ги достави фактурите до нивните колеги во Турција и Грција од каде доаѓа најголемиот увоз и ако ги добиеме скоро, ќе излеземе со споредбени податоци, рече Бектеши.
Новата владина Одлука ќе стапи на сила штом ќе биде објавена во Службен весник и ќе трае до крајот на месецот. Ако има потреба ќе има нови корекции во зависност од тоа како ќе се движат цените на увозните производи, бидејќи се уште нема доволно домашно производство.
Со Одлука на Владата од 5 април се замрзнаа цените на 11 видови овошје и зеленчук.