Доволно ли се тестира млекото за бруцелоза?

Се прават ли доволни анализи на млекото коешто се откупува од приватните производители за бруцелоза? Ваква дилеме се отвори откако Цветан Трипуновски, претседател на Републичка комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ обвини дека такви тестови не се прават. Во објавата на неговиот профил на Фејстбук тој наведе дека се закочени таквите анализи кои ги прави Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.

-Неспособноста на Агенцијата за храна и ветеринарство и „вечниот“ В.Д. директор Николче Бабовски продолжува во континуитет. Повторно и повторно ја демонстрираат својата некадарност во организирање на навремени јавни набавки. Резултат е закочената активност во спроведувањето на редовните мерки согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните од страна на ветеринарните друштва. Во ек на најголемите активности, Факултетот за ветеринарна медицина Скопје ги известува надлежните ветеринарни друштва дека не се во состојба да ги примаат доставените мостри поради немање на активен договор за јавна набавка со Агенцијата за храна и ветеринарство. Што значи сето тоа во „превод“ : стадата овци, кози, говеда ќе останат без лабораториски испитување на заразната болест Бруцелоза, млекото кое ќе оди во млекарите ќе оди од стада со непознат здравствен статус што самото по себе ќе значи загрозување на јавното здравје, односно изложување на опасност на здравјето на потрошувачите, вели Трипуновски во својот пост

На ова реагира Агенцијата за храна која соопшти дека Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ се обиде да ја изманипулира и заплаши јавноста дека во опасност е доведено здравјето на потрошувачите поради неспроведената јавна набавка за лабораториско испитување на болеста бруцелоза.

-Како одговорна институција апелираме граѓаните да не подлегнуваат на политичките инсинуации на Трипуновски дека на пазарот ќе се пласираат небезбедно млеко и млечни производи поради јавната набавка која е навреме објавена, а за која Државната комисија за жалби по јавни набавки е во фаза на одлучување по поднесена жалба“, реагираат од Агенцијата за храна и ветеринарство, се наведува во реакцијата.

Одговорно тврдиме, додаваат од таму, дека безбедносниот систем за млекото и млечните производи не е нарушен.

-Покрај лабораториските испитувања, во спроведувањето на Годишната наредба за здравствена заштита на животните за годинава, како дел од повеќегодишните програми за контрола и искоренување на болестите кај животните, вклучително и на бруцелозата, се вршат и клинички прегледи. Лабораториските испитувања се само една од методите за докажување на здравствениот статус на животните на одгледувалиштата. Примарната контрола на здравствениот статус на животните на фармите ја имаат сточарите и тие водат сметка за ова. Ја почитуваат законската обврска секоја промена во здравствениот статус на животните да ја пријават до ветеринарните друштва или официјалните ветеринари“, се истакнува во нивното соопштението.

Суровото млеко кое влегува во процесот на производство, појаснуваат од Агенцијата, задолжително термички се третира(стерилизира/пастеризира) со што се елиминира и можноста, млеко заразено со бактеријата бруцела да влезе во производството. Оваа бактерија, како што велат, со термичкиот третман на млекото се уништува.

-Дополнително, врз основа на сопствени контролни програми и контролите кои ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство, се контролира и безбедноста на секој готов производ. Единствено за што е во право Трипуновски е неговото тврдење дека здравјето нема цена и затоа, неетички и неморално е од негова страна, исклучиво за политички цели, постојано да се игра и манипулира со него, подвлекуваат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

 

Претходна вест„Гардијан“ го пофали Вучиќ за реакцијата по масакрите: За разлика од Србија, Америка не мрднува со прст
Следна вестКовачевски: Патувањето на моето семејство во САД беше на приватна сметка