Драчево и околните села без вода, „Водовод“ го санира големиот дефект

Голем дефект на големата водоводна цевка е причина поради која од вчера на пладне жителите на Драчево и на седум околни села немаат вода за пиење. Дефектот кој се случил кај мостот во Драчево се уште не е отклонет и на него се работи. Вода од вчера од 12 часот немаат корисниците на дел од „Борис Трајковски“, дел од бул. Србија, село Усје, Пинтија, дел од Драчево, дел од Долно Лисиче, Студеничани, Батинци и Моране.

-Во текот на вчерашниот ден на ул. „Борис Трајковски“ бб, во Општина Кисела Вода, настана дефект на водоводна цевка со профил Ф600, при што екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, веднаш пристапија кон санирање на истиот. При санацијата на дефектот, беа откриени уште неколку дефекти на спојните делови на цевката, а како резултат на сложеноста на теренот каде се работи и видот на дефектите, санацијата продолжи во текот на целата вечер и денешниот ден. Во моментот екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје го санираат четвртиот дефект и ќе останат на терен, се до целосно отстранување на истиот. За граѓаните кои живеат во тој регион, обезбедени се 2 цистерни со питка вода и уште 2 цистерни со техничка вода, соопштуваат од ЈП Водовод и канализација.

Распоредот на цистерните за питка и техничка вода е следен : Усје 09-10 часот, Пинтија 10-11 часот, Батинци 11-12 часот, с. Драчево 12-13 часот, н. Драчево 13-14 часот, н. Драчево 09-10 часот, с.Драчево 10-11 часот, с. Д.Лисиче 11-12 часот, с. Студеничани 12-13 часот, с. Морани 13-14 часот.

-Зависно од населеното место цистерните ќе бидат лоцирани пред училиштата и градинките или на главната улица доколку се работи за засегнатите села, стои во последното известување од ЈП „Водовод и канализација“.

Претходна вестРСБСП: Матурските прослави да поминат без сообраќајни инциденти
Следна вестПриведен крадец на мотоцикл