Драгана Маринковска: Талентите во Македонија се како скриени дијаманти чиј потенцијал често останува неискористен

Пред неколку години беше прогласена за првенец на генерација во скопското средно училиште „Здравко Цветковски“ во насоката архитектонски техничар. Зад неа стоеја одлични резултати и голем талент. Сега, откако заврши архитектонски студии во Словенија, студира на два магистерска програма – во словенечки Марибор и во Грац, Австрија. Ова е, накусо, образовниот развој на младата Драгана Маринковска, за чиј талент своевремено пишуваше и бесплатниот неделник „Скопско Ехо“. Како сега таа гледа на работите…

о Што беше причината да заминете на архитектонски студии во Словенија? Дали сте задоволни од тамошните студии?

– Пред четири години одлучив да ги следам своите амбиции и заминав на додипломски студии во Универзитетот во Марибор, Словенија. Со истата страст и желба за учење, сега продолжувам и со магистерските студии, студирајќи паралелно на два магистерска програма на Факултетот за градежништво, сообраќајно инженерство и архитектура во Марибор и на Универзитетот за технологија во Грац, Австрија.

Словенија има прекрасни и разновидни архитектонски стилови, почнувајќи од прекрасни средновековни замоци до модерни, иновативни градби. Покрај тоа, бев импресионирана од словенечките напори за одржлива градба и зелени технологии во архитектурата. Апсолутно сум задоволна од моите студии во Словенија. Квалитетот на образованието е исклучителен. Професорите се експерти во својата област и имам привилегија да учам од нив.

о Дали Македонија води доволно грижа и стимул за талентираните ученици? Ви помогнале ли Вам овде за вашиот талент да дојде до израз и да постигнете успеси или се правевте сами?

– Во Македонија, талентираните ученици се како скриени дијаманти чиј потенцијал често останува неискористен. Мојот пат го формирав и го следев без заслуга на некој друг или на системот. Стимулацијата и поддршката се важни, но сфатив дека најголемиот стимул и поддршка доаѓаат од внатре, од сопствената вера и напор.

о Како, според Вас, таа грижа за таленти би требала да се изрази? Што еден талентиран ученик би требало да очекува од општеството?

– Грижата за талентите, особено за талентираните студенти, е клучна за создавање и одржување на богата интелектуална и креативна култура во општеството. Надарените ученици треба да имаат пристап до индивидуализирано образование од искусни професионалци или наставници во нивните области на интерес што би им овозможило да напредуваат со сопствено темпо и ниво на способност. Пристап до богати ресурси како што се библиотеки, лаборатории, технологија, финансиска и психолошка поддршка, поттикнување на интердисциплинарна соработка, можности за јавна презентација односно јавно претставување на нивните достигнувања и проекти, овозможувајќи им да изградат самодоверба и признание за нивната работа. Важно е општеството да разбере дека талентираните поединци можат да бидат двигател на иновациите, напредокот и развојот.

о Каков ви е животниот план сега? Сакате да останете и натаму во странство или би се вратиле во Македонија?

– Во моментов се фокусирам на моето образование и кариера во странство. Завршување на магистерските студии во Марибор и Грац, градење кариера и искуство во областа на архитектурата и докторски студии. Го ценам квалитетот на животот во странство, како што се подобра инфраструктура, безбедност, културна разновидност, подобар пристап до здравствена заштита или подобри опции за домување.

Претходна вестКазнети 138 возачи, 19 биле пијани
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Кривична и политичка одговорност за скандалот на Онкологија