Драматично предупредување на српскиот претседател Вучиќ: Ги молам и барам од Албанците да го чуваат мирот, ако се осмелат Србија ќе победи

Драматично предупредувачко обраќање на српската и друга јавност имаше денеска претседателот на Србија, Александар Вучиќ од зградата на Претседателството. Тој првенствено зборуваше за случувањата на северот на Косово и тензиите коишто може да ескалираат од ноќеска на полноќ.

– Тие донесоа одлука да наметнат работи што немаат право да ги наметнуваат, пред се на луѓето на северот на Косово и Метохија. Тие однапред ги испратија своите единици со 21 тон гориво и се останато на административните премини Јариње и Брњак, со желба да ги запрат сите што имаат српски лични карти. Сето ова треба да започне вечерва на полноќ, а во исто време да ги убеди Србите да се откажат од КМ табличките, потенцира Вучиќ.

Тој објасни дека Приштина се повикува на точката три од договорот за слобода на движење потпишан од Борко Стефановиќ и Едита Тахири во 2011 година, во кој се вели дека секоја страна може да имплементира систем со кој личните карти ќе бидат придружени со писмени документи за излез за оние кои патуваат во транзит во трети земји, користејќи статусно неутрален јазик.

Вучиќ подвлече дека тоа не може да важи за Србите од Косово, бидејќи тие не ја претставуваат другата страна, ниту пак патуваат транзитно во трети земји.

-Втората работа е тоа што Албанците сакаат да го искористат тоа и да кажат: „Па, тоа е реципроцитет, ние имаме право во согласност со Уставот на Косово“. Па, во согласност со Уставот на Србија, Косово е дел од Србија, така што не користиме оружје за да го вратиме под уставна и законска контрола на Република Србија. Се однесуваме одговорно, сериозно, не сакаме конфликти и војна. Тоа е најглупавото објаснување од албанските политичари, рече Вучиќ.

Кога станува збор за регистарските таблички, Вучиќ потсети дека со договорот од 2011 година се воведени РКС и статусно неутрални таблички КС издадени од УНМИК, а нивната важност е ограничена на пет години со најавата дека по истекот на тој период, двете страни повторно ќе го разгледаат прашањето за табелите.

Во меѓувреме, потсети тој, Марко Ѓуриќ потпиша договор со Приштина во 2016 година, во кој се вели дека важноста на табличките КС ќе биде продолжена до крајот на 2021 година, но во септември 2020 година, како што оцени, Приштина самоволно ги укина табличките КС.

-И што сака Приштина денес, сака да каже: Нема веќе таблички КС, ние сме суверена држава и не ни е гајле за ништо друго, можете само да имате РКС таблички, а табличките КМ нема да дозволиме никој да не помисли дека има остатоци од друга држава, рече Вучиќ.

Вучиќ ги наведе и првите шест точки од Бриселскиот договор, кои предвидуваат формирање на Заедница на српски општини на Косово со широки овластувања, нагласувајќи дека и по 3.390 дена ништо од тоа не е исполнето.

Претседателот истакна и дека од доаѓањето на Аљбин Курти на власт, регистрирани се 206 инциденти насочени против Србите на Косово и дека за седум месеци од годинава имало повеќе проценти отколку во цела минатата година. Од нив имало 35 напади врз објектите на СПЦ и српските гробишта.

Претседателот рече дека разговарал со Србите кои живеат таму и кои веќе немаат трпение.

-Да ги замолувам Србите да не наседнуваат на провокации, а Албанците да се вразумат – рече претседателот со, како што нагласи, голема молба до оние кои ја признаа таканаречената независност на Косово да посветат малку повеќе внимание на меѓународното право и да не дозволат нивната импулсивност да предизвика војна.

-Ги молам и барам од Албанците да го чуваат мирот. Ги молам да го задржат мирот, но нема предавање! Ако се осмелат Албанците да тргнат во прогон, малтретирање и убивање на Срби, Србија ќе победи, само тоа имам да кажам, рече претседателот, нагласувајќи дека бара само да се почитува потпишаното, а не тоа што некому му се допаѓа или не. Тој додаде и јасна порака дека нема да има нов погром, дека такво нешто нема да се повтори.

Претходна вестВозило излетало од автопатот Градско-Неготино, има повредени лица
Следна вестКовачевски: Барањето за референдум е нерелевантно