Дружење, љубов и вистински морал речиси и да не постојат во Скопје

Мислам дека градоначалниците се само пиони на нивните чауши. Џабе е градоначалник, кога во 90 отсто од случаите им ги диктираат партиските претпоставени. Не, не даваат скоро ништо за луѓето…

Владимир Блажев, во музичкиот свет познат и како Панчо од ДНК, смета дека на градот му е потребна своевидна, но и долгогодишна, пауза во ширењето. По неа, би требало да се види што и како натаму со Скопје.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Ми се појавува мојата населба Аеродром, клубот МЗТ кој ми е симбол не само на Скопје туку и на лојалност и љубов. Тука е и Вардар кој има дупло значење, како во спортот така и како симбол на нашиот главен град низ кој тече реката која е опеана и во нашиот фолклор “ Еј, Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија…”

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Има убавини и сега и тогаш, со оглед на тоа дека сум повозрасен и живеам пред интернет и по интернет ерата. Можам да одговорам дека секоја ера имаше свои предности и мани. Не ми смета сегашната, но ако е морално да бирам би се одлучил за таа пред интернетот . Скопје тогаш беше повеќе сплотено и имаше повеќе копнеж за дружење, љубов и вистински морал , принципи, почит и одговорност. Сега е некако се достапно, нема почит кон ништо, а и сите горенаведени работи речиси и да не постојат.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Мислам дека градоначалниците се само пиони на нивните чауши. Џабе е градоначалник кога во 90 отсто од случаевите им ги диктираат партиските претпоставени. Не, не даваат скоро ништо за луѓето, бидејќи секој што седнал на “татковското” столче примарно си ги става своите интереси па мноооогу празно место па следуваат ние граѓаните. А толку сме мала земја и толку може да е се “медено”

Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-Не ве разбирам во поглед на што, но јас мислам дека се трудам, давам и допринесувам. Секожаш може уште повеќе и тоа е моето секојдневно мото , а така ги воспитувам и моите два сина Андреја и Марјан. Мора да се грижат за околината и да бидат горди на својата населба и град.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?
-Да не звучам негативно и критички настроено, но немам баш на што да бидам горд со оглед на најбитната работа за животот на секој граѓанин “Воздухот” е катастрофален. Додека тоа не се реши не можам да сум горд на нешто и нема да бидам. Единствено сум горд на моите сограѓани кои се демотивирани од секоја страна како финансиски така и политички, а сеуште се борат. Скопјани се борци, ги обожавам.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Би ги одзел многуте непланско направени згради, а би додал/ направил многу велосипедски патеки, паркови и зеленило. Би вложил во гасификација, трамваи или подземни железници. Нови автобуси и би ставил контејнери и корпи на секој чекор.

Во какво Скопје сакате да живеете?
-Налик Амстердам , тоа би сакал да го имаме во Скопје. Да не ме сфатат погрешно не заради легалната мараихуана туку заради духот на градот, начинот на превоз и најпозитивниот дух на луѓето.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Треба да се носат реални мерки и разумни. Јасно ни е на сите дека општинските буџети се полнат највеќе од плаќање на комуналии, но да сум јас градоначалник, дефинитивно би стопирал секаков вид на градба во догледно време, еве, да речеме, 15-20 години. Целта би била за тоа време да се средат / санираат сите аномалии и пропусти (а ги има премногу и сите ги знаеме кои се ). Откога ќе се средат, да видиме дали има простор и место да се шири. Многу е просто и едноставно, но, за жал, парите се приоритет на сметка на здравјето на граѓаните.