Зошто државата не ги сфаќа сериозно пожарникарите додека молат за подобри услови?

Последниот пожар што почна од еден стан во Кисела Вода па се прошири во другите, за што соседите и сведоците веднаш ги обвинија пожарникарите – одново го отвора прашањето зошто нема доволен број на пожарникари? И не само тоа, ами и каде е свеста на државата дека оваа сервисна служба спасува животи, и не само во пожарите, ами и во несреќи како онаа кај Ласкарци, па дека е неопходно под итно да се инвестира во неа?
Пожарникарите непрестајно апелираат дека им се неопходни нови колеги, опрема, противпожарни возила, подобри и побезбедни услови за работа, униформи, па на крајот и плати. Ова се луѓе кои се подготвени и обучени да си го жртвуваат животот а се ставени на маргините на општеството. Еден од доказите за тоа е и податокот од Дирекцијата за заштита и спасување, дека во Скопје бригадата има 194 вработени, а треба да има 392 пожарникари.
Понатаму, за нив еден од најголемите проблеми е тоа дека, кога има ситуации како таа во Кисела Вода, неопходно е теренот да биде пристапен за да можат да стигнат до зградата. Последниот пат тоа било сериозен проблем.
– Пожарникарите одвај стасаа до зградата од паркирани коли. Цистерните за гасење на пожари почнаа со работа дури откако дојде пајак службата, проблем што не смееме да си го дозволиме, вели за телевизијата Алфа, Томе Цикарески од Здружението на пожарникари.
Колку за илустрација дека ситуацијата е прилично катастрофална говорат статистиките, според кои, на крајот на минатата година сме имале 747 пожарникари, или еден на 2 778 жители. Стандардот пропишан во Законот за пожарникарство, пак, наложува дека треба да има еден пожарникар на најмногу 1 500 жители, или најмалку 1 383 пожарникари според процена за населението на Државната статистика.