Државен завод за ревизија: Спроведени се само половина од мерките за реформи во правосудството

Од 130-те мерки утврдени во Акцискиот план кои допринесуваат за целите на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор, само 52 отсто се спроведени, 34 отсто се делумно спроведени и 14 отсто останаа нереализирани, заклучи Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената проверка на успешност на тема „Ефективност на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017 – 2022 и спроведување на Акцискиот план на Стратегијата“.

Причината за реализирани на само 52 отсто од предвиденото за изминатиот период, ДЗР ја лоцира во повеќе фактори.

-Ваквата состојба се должи на несоодветно дефинирање на мерките за остварување на целите, отсуство на јасни мерливи индикатори, нереални рокови, проценети избори на финансиски средства, недоволна координација на институции и надлежни тела носители на мерки и активности, велат од ДЗР.

Воспоставената правна и институционална рамка за остварување на целите од Стратегијата, според Заводот, делумно функционира како што е предвидено.

– Донесени се прописи, документи потребни за спроведување на целите од Стратегијата, воспоставено е тело надлежно за спроведување на целите со јасно утврдени задачи и одговорности, но истото не функционира во период како што е дефинирано и утврдено во документите, прописите, одлуките, протоколите – се вели во извештајот.

Во објавата од ДЗР се издвојува и податок дека за 15 мерки предвидени во Стратегијата и Акцискиот план биле планирани вкупно 366 милиони денари (речиси 6 милиони евра), меѓутоа до 31 декември 2021 година, вкупно се реализирани само 20 отсто односно околу 74 милиони денари (околу 1,2 милиони евра). Како пример зошто толку малку е реализирано, ревизорите наведуваат што кај една најголемите ставки за изградба на нови просторни услови не се искористени дури 40 отсто од парите, како и за тоа што неискористени се 85 отсто од средствата за обезбедување посебен простории за обвинителствата сместени во просториите на судовите.

Претходна вестТри лица каснати од кучиња за еден ден во Скопје
Следна вест„Вибрантен сликопис“ – изложба на Владимир Величковски во МКЦ