ДУИ го плаши ли СДСМ со предвремени избори?

На Македонија и се нужни предвремени избори. Ова опозицијата долго време го зборува образложувајќи дека власта нема веќе легитимитет и сили да ја води земјата. Од друга страна, ДУИ и СДСМ цело време реплицираат – предвремени избори нема да има.

Но, наеднаш како гром од ведро небо од челниците на ДУИ излезе една ваква изјава – ја имаме Владата во која за неколку месеци го чекаме првиот албански премиер. Дали ова е најава дека партијата на Али Ахмети почна да се подготвува за иборите кои не ги поддржуваше?

Договорот меѓу СДСМ и ДУИ, познато е, предвидува премиерската функција да ја преземе Албанец во последните 100 дена влада пред организирање на новите парламентарни избори чиј рок е во октомври 2024 година. Но, кога министерот за надворешни работи ќе каже дека првот албански премиер ќе има за „неколку месеци“ тогаш тоа може само да асоцира на скорешни предвремени парламентарни избори.

Впрочем, и без она што го прави опозицијата со постојани барања за предвремени избори, со активности на терен, и самите владеачки партии веќе како да водат кампања по општините со средби со граѓани и големи собири. Односно, многу работи веќе „мирисаат“ на предвременото гласање.

Министерот Бујар Османи веќе утредента побрза да објасни дека не мислел на скорешни предвремени избори, дека тие ќе бидат во редовен термин… Фактот дека тоа го кажа на партискиот собир во Чаир, каде од неодамна е и партиски координатор, се поврза со мобилизацијата на членството против ова што го прави „огнената група“ во нивните партиски редови. И, на таков начин, партиските членови да се потсетат на тоа што се постигнала ДУИ под водство на Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи…

Но, дали пораката на Османи ја има само таа адреса? Поштарот да не е испратен и до партиското седиште на СДСМ за да се потсетат дека ДУИ е решавачки фактот во чии раце се предвремените избори? Ваква опција е можна и ако водството на ДУИ решило во следниот период од Ковачевски и од СДСМ да побараат и бројни други отстапки кои ќе значат исполнување на нивните барања и потреби.

Па, така, пораката којашто треба да се прочита во седиштето на СДСМ е – прифаќајте ги нашите следни барања бидејќи, во спротивно, ќе следи напуштање на коалицијата и брзи избори. Прашање е само дали во таков случај би се реализирал договорот Албанец да ја преземе премиерската функција?

Колку од ова ќе се исплаши СДСМ зависи од „кичмата“ на партиското раководство. Но, веќе е познато дека рејтингот на социјалдемократите е низок и дека во овој момент изборите воопшто не им одговараат. А и се чини дека полека се навикнуваат да бидат помал коалиционен партнер во Владата…

Претходна вестНезаборавниот тренер на Вардар, Гонзалес: Македонските навивачи се најдобри на светот
Следна вестСе судрија руски авион и американски дрон, двете страни со различни верзии за настанот