ДУП за „Расадник“ ќе се прави од најдобрите трудови на конкурсот, со 80 отсто помалку згради и нов голем парк

Новиот детален урбанистички план за населбата „Расадник“ во скопската општина Кисела Вода ќе се прави како комбинација од најдобрите решенија од наградените трудови добиени на меѓународниот конкурс. Ова денеска го најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на презентацијата на пристигнатите трудови во Домот на култура ,,Билјана Беличанец”. На конкурсот има две прво наградени решенија, едното е на архитекти од Грција, а другото од Хрватска, а трети завршија авторите од Литванија при што општината се решила да го откупи и решението на нашиот Меѓународен балкански универзитет. Концептот на новиот ДУП најмногу ќе се црпи од првонаградените идеи, а тој ќе почне да се изготвува на почетокот на 2024 година, кога на тендер ќе се избира и планерската куќа.

Градоначалникот Ѓорѓиевски потсети дека Предлог планот за Расадник од 2020 година на претходната општинска гарнитура предвидуваше 99 згради и скоро 1 милион м2 станбена површина додека за градежни парцели со намена зеленило имаше површина од околу 10.000 метри квадратни.

-Сите пристигнати трудови од меѓународниот конкурс, сите денес изложени решенија, како што може и сами да видите, имаат над 100.000 м2 зелена површина односно Кисела вода и Скопје добиваат нов Градски парк со површина од над 100.000 м2, што е за 10 пати поголема зелена површина од предложениот Урбанистички план во 2020 година. Во однос на станбени објекти, вкупната етажна површина за градење со намена домување во неизградениот дел од Расадникот изнесува максимално 192,400 м2 што е за 80 отсто помала од предлог планот од 2020 година, објасни градоначалникот.

Претседателот на жири-комисијата и декан на архитектонскиот факултет во Скопје – Огнен Марина посочи дека во изготвувањето на ДУП-от ќе се земат во предвид најдобрите работи од сите пет решенија. Колку згради би имало во Расадник засега не се знае, но деканот посочи дека местото нема да се прави една голема спална соба во која не е предвидена социјална инфраструктура во која граѓаните ќе останеле без дополнителни квалитети на живеење.

-Не се работеше, ниту пак се оценуваше, ниту пак некој ги броеше зградите поединечно, не се работи за бројот на згради, туку се работи за мерката, што треба да биде достигната таму, односно, човекомерноста на решението. Сега имаме решенија кои што ги предвидуваат сите овие идни ситуации, па во едното решение имаме дури две градинки предвидени, имаме основни училишта, имаме комерцијални програми имаме општествени програми и сето она што го чини урбаното живеење поквалитетно, наведе Огнен Марина.

Претходна вестВо Албанија за пет години ветингот „отстрани“ 347 судии и обвинители
Следна вестМонако гради луксузен кварт на море, квадратот ќе чини до 120 илјади евра!