Дури 98 проценти од дадилките работат на „црно“, а 60 проценти немаат лиценци

Со Сања Аризанов, претседателка на Асоцијацијата на дадилките во Македонија разговараме за неодамнешните немили случаи со дадилките, за проблемите во нејзината фела…

 Последните два случаја на тепање деца од страна на дадилки предизвикаа шок во јавноста. Што ни покажуваат тие?

Ни покажуваат дека кога системот не функционира вакви инциденти можат да станат пракса. Непостоењето на цврсти, јасни и високи критериуми за работа со деца водат кон девастација на системот за згрижување и нега на деца. Од друга страна, човечкото зло не може да се искорени. Ако можеше, светот ќе беше на едно високо ниво. Токму затоа е потребно да се создаде систем кој превентивно ќе намали можност за вакви инциденти и девијантни појави.

 Како може да се воведе ред во оваа сфера, посебно кога се ангажираат дадилки без лиценци, без договори…

-Асоцијацијата на дадилки има над 40 активни членки – негувателки, воспитувачи, психолози, специјални едукатори и обучувачи. Ние не ги вработуваме, ниту ангажираме дадилките или негувателките. Во однос на легалност на работење се поставува прашање што сметаме дека е нелегално? Ако гледаме од аспект на работните односи, речиси 98 проценти дадилки работат нелегално –„на црно“ бидејќи не се пријавени во работен однос и не остваруваат никакви права од социјално осигурување. Доколку гледаме од аспект на лиценца може да се каже дека повеќе од 60 отсто од дадилките на пазарот на труд кои што работат во семејства или бараат работа не поседуваат лиценца за негувателка. Законот предвидува дека доколку семејство ангажира дадилка со лиценца преку агенција, тогаш дадилката треба да биде во работен однос во агенцијата. Треба да се каже дека никаде во светот агенциите за дадилки не вработуваат дадилки, туку само посредуваат, а вработувањето е обврска на семејство. Агенциите треба да вршат работа во смисла на детална проверка на кандидати, нивна биографија, искуство,  препораки како и психофизичка состојба на кандидати. Ние до надлежното министерство доставивме препораки дадилките задолжително да поминуваат обука за негувателка на деца, да добиваат лиценци, придонеси од задолжително осигурување да бидат сведени на минимум и државата да ги субвенционира придонесите на семејства кои ангажираат сертифицирана и лиценцирана дадилка.

Под кои услови се станува лиценцирана дадилка, дали тие услови треба да се менуваат?

-Според Законот доволно е да имаат средно образование, но не е специфицирано какво. Ова е голем превид во Законот бидејќи една личност без било какви квалификации може да се стекне со лиценца и да работи со деца. Критериумите за избор на негувателка на дете треба да бидат поставени на повисоко ниво и истото да биде регулирано со Законот. Сѐ додека нема цврста регулатива и критериуми, изложени сме на ризик некомпетентни, несоодветни и неквалификувани личности да бидат дел од системот за згрижување и нега на деца. Сметаме дека во државата задолжително треба да се поттикнува дуално образование и практична обука преку која идните негувателки ќе се стекнат со соодветни вештини и квалификации. Документи што се доставуваат во Министерство се проверка на биографија и криминално досије на еден кандидат не се доволни за проценка дали една личност е соодветна за чување и нега на деца.

Во обуката за „Негувателка на деца“ која ја спроведува нашата Асоцијација имавме кандидатка со уредни медицински наоди, но сепак беше оценета како личност која не исполнува услови за чување и нега на деца. Истата личност не се стекна со диплома за „Негувателка на деца“, но во моментот има поднесено документација за полагање на лиценца при Министерство за труд и социјална политика. Бидејќи ги исполнува условите, (има средно образование и горенаведени документи) оваа кандидатка утре ќе се стекне со лиценца и ќе работи со деца. Изразуваме сериозна загриженост по повод ваквата ситуација и сметаме дека овие прашања треба да бидат решени институционално.

На што треба да внимаваат родителите кога вршат ангажман на дадилка?

Да изберат личност која што е во состојба да биде со нивно дете, а не покрај нивно дете. Улогата на дадилката е згрижување и нега на дете, безбедност на дете, исхрана на дете, но исто така и емоционален и социјален развој на дете. Прашањата кои треба да им постават на дадилките треба да почнат од тоа дали знаат што треба да направаат доколку детето ќе голтне некаков предмет, како ќе се справат со детските изливи на плачење, кои активности сметаат дека се соодветни за дете на нивна возраст, што ќе направаат доколку детето не сака да јаде, да побараат препораки, да побараат документ за неосудуваност, да ги прашаат каков курс или семинар за деца посетиле во последните три години…