Двајца вработени во Град Скопје со измами присвоиле 3,5 милиони денари

Откриен финансиски криминал во Град Скопје. Полицијата поднесе кривична пријава против Ј.С.(25) од Скопје поради „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против С.Е.(37) од Скопје поради „злоупотреба на службената положба и овластување“, „компјутерска измама“ и „компјутерски фалсификат“. На двајцата пријавени судот им изречена мерка – претпазливост.
Двете пријавени лица во својство на вработени во администрацијата на Град Скопје, Ј.С. како помлад референт за архивирање на документација во Одделение за присилна наплата, прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и други надоместоци, а Е.С. како соработник во истото Одделение за стручни работи, во меѓусебен договор ја искористиле својата службена положба со цел стекнување противправна имотна корист, а на штета на граѓаните – даночни обврзници и на штета на буџетот на Град Скопје и општините во градот Скопје.
Имено, лани и оваа година Ј.С. се нудел на граѓаните да им изврши услуга за плаќање на износот на данокот во нивно име, доведувајќи ги во заблуда дека им прави само услуга за да не чекаат на шалтерите во банките каде се врши уплатата. Износот на данокот му го давале во готово, а тој наместо да го уплати целосниот износ, вршел уплата на минимален износ, а останатиот дел од примените парични средства ги делел со второпријавениот Е.С.
Е.С., бидејќи имал овластување да пристапува во компјутерскиот систем на Град Скопје, неовластено и во договор со Ј.С., вршел преправка на износот на уплатениот данок од Ј.С. и врз основа на така преправените податоци во компјутерскиот систем ги доведувал во заблуда службените лица на Град Скопје кои биле задолжени за контрола на извршените уплати на данокот.
На тој начин пријавените оштетиле вкупно 19 граѓани даночни обврзници, за вкупен износ од 3.410.366 денари, а за истиот износ го оштетиле буџетот на Град Скопје, стои во соопштението на полицијата.