Условно, две години – е казната за Васил Ч. од Тетово, кој во 2018 година, кај Млечен ресторан во Скопје поминал преку две ленти со џипот „цитроен“ и удри во мотор. Возачот на моторот загина, а неговата сопруга која тогаш беше бремена – го загуби детето. Ваквата пресуда практично значи дека Васил Ч. е слободен, само ако не го повтори делото следните две години. Случајот дури вчера дочека да влезе во судска процедура, односно првото и последно рочиште сеслучија во еден ден. Се затвори експресно откако Влатко Ч. ја призна вината.
Реагираа на социјалните мрежи: прво сопругата на загинатиот, Наташа Апостолоска:
-Во името на граѓаните на РСМ, судијата Елена Илиевска-Јосифовиќ при ОС Скопје 1, му изрече условна осуда на оној кој ми го одзеде сопругот на 32 години, бебето и мене ме остави со тешки телесни повреди! Само затоа што признал! Дно дна!“, напиша Апостолоска.
А потоа и татко му:
-Пријатели. Сакам да ве известам дека денес се донесе пресуда за смртта на мојот син кој загина пред две години во сообраќајка. Неговата сопруга бремена го изгуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди. Пред да ја каже судијката пресудата ме известија дека каква и да биде пресудата да останеме смирени, бидејќи може да бидеме казнети. Судијката со многу очај кажа дека ѝ било многу тешко да ја донесе оваа пресуда. На сите отежителни и олеснителни околности, пресудата гласеше не е виновен и ќе биде две години условно осуден. Ние ќе бидеме казнети ако негодуваме, а тој што одзеде животи и уништи животи на фамилии си е слободен? Тоа е нашето судство, обвинителство и цел синџир на судски заврзлами. Сега нека пресуди народот кое судство и која правна држава имаме, напиша таткото на починатиот.
Не само што оваа судска пресуда фрла уште една валканица врз македонскиот правосуден систем -истовремено демонстрира заштитеност кон одредени луѓе, на сметка на граѓаните кои немаат „врски“ за да живеат привилегирано- туку и испраќа една штетна порака кон младите:
-Како да ги спречиме децата пијани да влегуваат во автомобил?! Како да им се објасни дека може да си го загорчат животот ако направат вакво нешто – кога гледајте, па човекот минал практично неказнето!
-За „27 април“ процесот е страшно долг, мачен, пратеници се осудуваат се ослободуваат по потреба на власта, па ние се чудиме што овој човек е слободен оти свртел на дупла лента и утепал човек…Срам да ви е, ветувавте реформи во судството а пак си го користите како алатка за казни, закани или награди!
-Судски реформи без народот да притисне за тоа нема. Протестите на пример во Бугарија се точно тоа, народот веќе не сака да биде лажен, манипулиран, оти гледаме, се гледаме – пишуваат граѓаните.
Обвинителството најави реакција откако ќе ја добијат пресудата во писмена форма.