Две македонски семејства во Малта веќе добија помош од хуманите Македонци

Македонската солидарност проработи во Малта. Македонците кои на Малта западнаа во незавидна положба поради кризата предизвикана од корона вирусот почнаа да добиваат првична помош од свои сонародници кои исто така живеат на Малта. Хуманите луѓе се самоорганизираа.

Храна, хигиенски средства, како и парични средства веќе се доставени до неколку семејства чии членови останале без работа и сега им е загрозена егзистенција. Иницијаторот на акцијата Мартин Србиновски, заедно со други Македонци веќе посетил неколку наши семејства кои им се обратиле за помош.

На Мартин Антевски, кој на Малта дошол пред подолго време, пред два месеца му дошле и сопругата со малото дете, сега се наоѓаат во тешка ситуација бидејќи останал без работа.

-Здружението ми помогна, ме исконтактираа и ни помогнаа. Јас сум тука со сопругата и бебето и навистина ни треба помош. Многу сум им благодарен за сето она што го прават. Убаво е кога се добива помош од нашите сонародници тука во странство. Имате чувство дека не сте сами и заборавени, ни рече Мартин.

Семјството Антевски со двајцата хумани Македонци

Помош добило и семејството на Пепа Најдова од Неготино.

-И јас сум благодарна што ни помогнаа. Овде ситуацијата стана тешка и помошта е навистина потреба, ни рекоа во ова семејство.

За помош се обратила и една мајка на петмесечно бебе, останала без работа. Таа побарала помош во млеко и пелени за бебето. Мартин Србиновски ни вели дека и таа како и другите ќе добие помош.

-Сакаме да им помогнеме колку што можеме, со храна, со пари. Овде има околу 3.000 наши сонародници. Некои решиле да се вратат со чартер-авион кој го организирала Владата, а другите ќе останат. Владата на Малта уште не решила што ќе прави со работниците од трети земји, со оние кои не се од Малта и од земјите на ЕУ, а работата тука. Односно, дали ќе им помага некако или не, ни вели тој.

Акцијата ќе продолжи и во наредниве денови. Со таква солидарност и проблемите на нашите соранорници макар и делумно ќе бидат помали.