Две момчиња се шетале низ Скопје со пиштол, нож и палка во џебовите

Две момчиња синоќа биле приведени заради поседување пиштол и нож во две одвоени контроли што ги извршила полицијата на скопските улици. Имено, во првиот случај, полициските службеници синоќа во 23.30 часот на ул.„Есперанто“ го лишиле од слобода лицето М.З.(19) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него бил пронајден пиштол „ЦЗ Б“, калибар 9 мм, една рамка со 10 куршуми и метална палка. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Вчера на пладне пак, полициски службеници од СВР Скопје на ул.„Ѓорче Петров“, при извршен преглед кај А.А.(24) од Скопје, пронашле нож на расклопување. Тој бил приведен поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Ова се нови случаи на наоѓање на оружја кај млади лица како резултат на контроли од страна на полицијата. Минатата недела полицијата на булеварот „Кузман Јосифоски-Питу“ го привеле лицето А.Ќ.(18) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него бил пронајден нож. Освен него, полицајци на улицата „Петар Чулев“ го привеле лицето и Н.С.(20) од Скопје, бидејќи и кај него по извршен преглед бил пронајден нож.