Повик до пратеничките групи во Собранието да формираат работна група којашто ќе ги договори датумите за парламентарни и претседателски избори и предлози за можни термини за гласање за избор на шефот на државата, соопшти денеска Талат Џафери, претседател на македонското Собрание. На денешен брифинг тој рече дека краен рок работната група да постигне консензус за датум за избори е до Нова година.
-Пратениците треба да кажат дали се подготвени да учествуваат во работната група или не. Немам намера никого да повикувам, а тие треба да бидат одговорни за ова прашање и да ме информираат. Моја одговорност е да распишам избори во редовен термин. Претседателските избори не може да бидат вонредни, рече тој.
Според него, најрано претседателските избори може да се одржат на 14 март, а најдоцна на 8 мај. Но, рече Џафери, 8 мај е цајтнот, бидејќи инаугурацијата на претседателот на државата треба да биде на 12 мај.
– Ако вториот круг од претседателските биде на 8 мај, можно е да останеме без претседател на државата ако има жалбени постапки, односно ако има прегласување на неколку гласачки места кои би влијаеле на резултатот на изборите. Ако се остави на мене јас секако не би одлучил вториот круг од претседателските избори да биде на 8 мај. Ако така одлучат партиите, ќе го почитувам тоа, но нивна ќе биде одговорноста ако евентуално не се избере претседател на државата, вели Џафери.
Тој објасни дека претседателските избори се одржуваат во последните 60 дена на тековниот мандат. За да се запазат 60 дена претседателските избори најрано може да бидат на 14 март и најдоцна на 5, односно на 8 мај. Ако изборите бидат на 14 март, тогаш Џафери ќе ги распише на 4 јануари. Ако вториот круг на изборите биде на 8 мај, тогаш првиот круг од претседателските ќе биде на 24 април, а изборите ќе се распишат на 27 февруари. Можни датуми за претседателски избори во прв круг на 14 март, 28 март, 11 април , 25 април. Во втор круг 28 март, 11 април, 25 април и 8 мај.
Роковите пак за парламентарните избори кои се одржуваат во 90 дена од тековниот мандат на пратениците кој завршува на 4 август се најрано на 5 мај и најдоцна на 15 јули за да се овозможи конституирање на Собранието во рамки на Уставот, најдоцна 20, односно 21 ден од гласањето.