ДЗР: Исплатени 2.8 милијарди денари за паричен надоместок на невработените лица и за активни мерки за вработување

Државниот завод за ревизија изврши ревизијана финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Агенција за вработување за 2022 година. Со извршената ревизија за 2022 година изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.

Со спроведената ревизија ревизорите утврдиле дека исплатата на средства за паричен надомест во случај на невработеност во 2022 година се во висина од 1.407.710 илјади денари, што претставува 42,62% од вкупните расходи на АВРСМ, и во однос на 2021 година исплатениот износ бележи намалување за 116.247 илјади денари.

Со проверка на функционирањето на постапката за остварување на право на паричен надоместок на избран примерок на предмети за 2022 година ревизорите утврдиле дека кај дел од анализираните предмети документацијата е некомплетна, а дел од документацијата се обезбеува или се изготвува по истекот на законски утврдениот рок.

За реализација на вкупно 14 програми и мерки за вработување предвидени со Оперативниот план во 2022 година исплатени се вкупно 1.420.003 илјади денари односно 43% од вкупните расходи на АВРСМ. Овој износ бележи зголемување во однос на 2020 и 2021 година и тоа за 148.902 илјади денари во однос на 2020 година, или во однос на вкупните расходи на АВРСМ за овој период се јавува зголемување од 4%.

Со анализа на поединечните мерки ревизорите утврдиле дека за три мерки – Субвенционирање на плати, Вработување и раст на правни субјекти и Практикантство за кои е исплатен вкупен износ од 468.126 илјади денари во ОУ1 и ОП2 не се вклучени одредби врз основа на кои ќе се изработат ранг листи на лица на кои ќе им бидат одобрени средства и лица кои ќе бидат одбиени во случај на поголем број на пријавени кандидати при што усвоена е пракса за одобрување на апликациите по принцип прв пристигнат прв услужен.

При распределбата на средства ревизорите утврдиле дека не е почитуван принципот на рамномерен регионален развој на осумте плански региони на начин на кој е дефиниран во ОУ и ОП. Притоа за дел од планските региони се исплаќа повисок износ на средства во однос на утврдените проценти за учество во Одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеноста. Повисок износ е исплатен кај скопскиот плански регион и планските региони во западниот дел од земјата при што во поедини случаи надминувањето е и двапати поголемо, додека за планските региони од централниот и источниот дел на земјата е исплатен понизок износ од утврдената квота со одлуката.

Претходна вестЕлектронско пријавување за упис во средно образование од 20 до 25 јуни
Следна вестПознат идентитетот на загинатите на Галичица