Мерките и активностите на институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство. Системот за заштита е сè уште недоволно развиен, а бројките за жртви и сторители на кривични прекршочни дела во врска со семејно насилство покажуваат загрижувачки континуитет, без подобрување на состојбата. Во 2023 година, мажите биле десетпати повеќе сторители на кривични дела од жените, додека жените жртви биле четири пати повеќе од мажите. Оваа состојба укажува дека обврските од Истанбулската конвенција остануваат неисполнети, се вели во ревизијата на успешност на тема „Имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција) со посебен осврт на преземените мерки и активности од надлежните институции за обезбедување на ефективни специјализирани услуги за поддршка и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство.
-Истанбулската конвенција е потпишана во 2011 година, а ратификувана во 2017 година, по што е донесен Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство за периодот 2018 – 2023 година со кои се предвидени 52 активности. Утврдивме дека предвидените активности не се реализирани во целост, односно реализирани се 22 активности, 20 не се реализирани, додека 10 се делумно реализирани. Утврдивме дека за периодот по 2023 година не е донесена Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту се усвоени сите подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство – се вели во соопштението од ДЗР.