Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишен жител на Арачиново поради основано сомнение за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3, а во врска со член 19 (во обид) донесе Основното јавно обвинителство Скопје.
Тој е осомничен дека на 1 април со умисла се обидел да го лиши од живот градоначалникот на таа општина, а во опасност ги довел и животите на уште неколку лица. Додека градоначалникот со своите соработници од Општина Арачиново и вработените од фирма-изведувач вршеле увид на градежни работи, осомничениот дошол со мотор, се паркирал и со автоматска пушка во рацете пришол на групата луѓе.
-Почнал да пука кон градоначалникот и со неколку проектили погодил две лица во неговата непосредна близина, се наведува во соопштението.
Со оглед на тоа што осомничениот од извршување на делото е недостапен за органите на прогонот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор која доколку биде определена ќе започне ефективно да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Воедно, до Министерството за внатрешни работи се издадени соодветни наредби за пронаоѓање на осомниченото лице.