Ех, да беше Пендаровски шеф на држава со 50 милиони население…

Францускиот предлог за тоа како ќе и се даде „датум“ на Македонија сериозно ја бранува јавноста. Според многумина таквиот датум е всушност давање датуми на кои Бугарија ќе може да прави што сака во нашата држава. Протести на илјадници луѓе пред владината зграда има веќе два дена затоа што од белата зграда (министрите и премиерот) се брани францускиот предлог како големо достигнување.

И во таквата напната ситуација вчера за прифаќање на францускиот предлог се изјасни и претседателот Стево Пендаровски. Тој решително истакна дека предлогот бил само транзициски компромис – а што значи таа нова кованица се чини треба некој од провладините експерти да ја дообјаснуваат, украсуваат, наметнуваат…

Но, во едно претседателот беше јасен.

– Убеден сум дека не сме можеле да постигнеме повеќе. Држава од 1,8 милиони жители, просечна плата од 500 евра, толку може од позиција на кандидат за членство, истакна Пендаровски и додаде дека тој не тврди оти во преговорите за сето време во изминатите две години не можело да се добие нешто поквалитетно во одредени аспекти, кои би биле детали, но не суштина.

Ех, да беше Пендаровски претседател на држава со 50 милиони население, ќе ја решеше и суштината, ама ете немаше среќа да покаже колку многу всушност го бива. Малата Македонија го ограничувала и него и Владата да ги покажат своите таленти.

Замислете ваква логика да имале големите Македонци – Методија Андонов Ченто, генерал Михајло Апостолски…, за време на Втората Светска војна…

Среќа има Словенија (која е иста по големина со Македонија) што во тешкиве времиња по распадот на Југославија немаше и се уште нема ограничени функционери како овдешните. Таму очигледно не гледаат на својата мала држава како на хендикеп поради кој мора се што им се наметнува да се прифати.

Несреќата наша пак е што ако Пендаровски продолжи со ваквата малодушна логика населението во Македонија уште ќе се намалува, (беше над 2 милиони жители), илјадници се иселија поради неработењето на државните функционери, но и поради нивното хоби да коленичат пред странци.

Инаку, Да потсетиме, што токму претседателот Пендаровски пред три години изјави околу иселувањето:

-Да не бев претседател и јас би се иселил од својата земја…

Претходна вестДојдов од Неготино за да ја бранам Македонија, скопјани кафе пијат на плоштад
Следна вестСончево и топло до 38 степени, попладне дожд и грмежи