Ех кога законите на природата би се пресликале во општеството…

Колумна на Габриела Арсова:

Кога живеете во помало место сосема природно е да сте поблиски со животните, со земјата, со

природата воопшто. Всушност, кога живеете во мало место вие сте и реално дел од природата. Силно зависни едни од други во кругот на животот. Живеејќи во вакви околности сфаќате колку е точно тврдењето дека законите во општеството треба да се пресликаат од законите на природата. Да постои урамнотежување. Да се воспостави баланс.

До каде бев стигнала? Утринска гимнастика, бобинки, уште не беше започнал денот…

Да. Ентузијастите имаат свои кокошарници. И денот го започнуваат со квалитетен омлет. Или кајгана. Еден од тие сум и јас. Ако немате свои кокошки нема да останете без тазе јајца. Со сигурност имате познати од каде може да купите. И со сигурност знаете дали се од трчани кокошки или не. Мали места се ова. Се се знае.

Има еден интересен куриозитет. Ако им ги земате јајцата на птиците и не им ги враќате лушпите или не им го надокнадувате калциумот на поинаков начин, тие ќе почнат да ги колват тазе снесените јајца. Тоа е. Бараат решение. И нема манипулирање. Или ќе им дадеш што им треба или сами ќе се снајдат. Демократија?! Кој како гледа.

За среќа, во контест на квалитетот на хранење, се уште се белее по некое стадо овци, се уште има по некоја крава. Животните даваат млеко за породот, даваат и за нас. Ух, каква убавина е тазе измолзено топло млеко. Без адитиви, без конзерванси, без обезмаслување. Или поткиселено. Само добро се знае дека треба да има за сите. Се поремети ли системот сите ќе страдаат. Јасно се знае од кое млеко и кога се сири сирење, но уште подобро се знае кога и колку од млекото се остава да може мајката да си го исхрани потомството. Не се коли и распродава се туку така, зошто треба да се мисли и за утре. И секако најквалитетното се сочувува.

Има тука многу што да се научи. Многу. И за солидарност, и за справедливост, и за субсидијарност. Ова беа и трите столба на ЕУ, зарем не?

А за сеидба, се подразбира, се селектира и сади најдоброто семе. Што би се рекло – само квалитетна селекција може да даде квалитетен род. И обратно. Во природата недопустливи се импровизации.

И така… Се чудам како ли сум можела низ годиниве  да живеам во заблуда?! Уште повеќе како сум можела да се сомневам во сигурноста и квалитетот на домашното?! Дури се срамам од себе! Искрено кажано, од ова дома произведеното повкусно сирење, поквалитетно месо, свежо, пушено, крвавици, колбаси, посвежи јајца не сум јадела никогаш. Ниту вргањ. Ниту компир. Ниту во најдобрите ресторани во урбаните велеградски средини.

Велат како небото се празни со грмотевиците, така и човекот има потреба сопствениот набој да го испразни во земјата. Но како? Со гумените ѓонови по асфалтираните улици? Возејќи кола? По кафани, по канцеларии? Сигурно не! Можеби затоа во урбаните средини царуваат нервози, стресови, депресии и несоници… сигурно затоа длабоко во себе посакуваат боси да трчаат по ливадите или да шлапкаат по реките. Детето во нив се буди или потребата од допир со мајката земја?!

А моето беседење за животот во малите места продолжува…