Експресно: Владејачкото мнозинство реши однесувањето на Талат Џафери да се тргне од расправа

Без расправа, пред и да започне, заврши денешната седница на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на којашто требаше да се расправа за навреди и пцуењата на претседателот Талат Џафери кон собраниските службеници. Пратениците од владеачките партии кои се членови на Комисијата на почетокот на седницата гласаа против предложениот дневен ред на кој единствена точка беше поднесената пријава од опозицијата за Џафери.

Инаку, во пријавата беше наведено дека тој го прекршил Етичкиот кодекс. Сепак мнозинството реши да не се разгледува однесувањето на собранискиот спикер.

Откако претседателот на Комисијата, Панчо Минов го стави дневниот ред на гласање со ваква единствена точка пратениците од власта експресно за една минута гласаа против дневниот ред со што седницата не можеше да продолжи. Минов само констатираше дека дневниот ред не е усвоен и ја затвори седницата. Џефри не присуствуваше на седницата.

На оваа реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде побараа оставка од претседателот Панчо Минов. Претходно, пратениците на оваа партија во сала држеа транспаренти со натписи: „Вие што сте на плата и уште си е.авате мајката“, „Бегај бе таму, сус“

Од денеска етичкиот кодекс не постои. Вака функционира двоецот СДСМ-ДУИ, секогаш кога треба да понесат одговорност, тие бегаат. Ова денеска ќе остави лузни врз демократијата. Но одговорност ќе има, затоа на 18 јуни излезете масовно на протест, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тој рече дека по ова не се надева ни дека ќе има интерпелација против Талат Џафери.

Со последните измени на Етичкиот кодекс, пратеник кој направил тешка повреда на Кодексот, за каква се товари Џафери, може да биде казнет освен со јавна опомена, и со суспензија од членство во работно тело во рок од еден месец или пак забрана да претседава со работно тело во времетраење од еден месец.

Претходна вестГ.г. Стефан: И благодариме на СПЦ за препораката за автокефалност
Следна вестГоривата пак поскапуваат, дизелот стаса до 102 денари