„Јас не учев и не дојдов тука да печалам, ами да лекувам болни“ , да бидам од полза за народот….“ ова е познатата реченица на д-р Елена Етингер Каваева во тоа време жител на Охрид. За време на бугарската окупација во 1941 година заедно со нејзината ќерка Рејна била на списокот за депортација во логорот Треблинка, каде што биле испратени 7.144 Евреи од Македонија. Но, видни охридски семејства превзеле акција да ја спасат познатата лекарка и нејзината ќерка. Се собирале потписи и во Охрид и во Струга по што од неколкумина охриѓани петицијата била однесена во Софија. Така биле спасени Елена и Рејна кои продолжиле да живеат во Охрид.
Нејзиното име и дело силно е врежано во поновата охридска, но и македонска здравствена историја. Елена Етингер Каваева била една од основоположничките на македонската здравствена заштита на охридско-струшкиот крај, но, може слободна да се каже беше и доајен на македонската педијатрија. Родена е во градот Ченстохова, денешна Полска, во 1893 година. Учела во Берн, а потоа од 1910 година во Берлин, кадешто запишала студии по медицина, а кон крајот на 1913 ја одбранува и докторската дисертација. Потоа заминува во Санкт Петербург да полага државен испит. Почетокот на Првата светска војна ја затекнува во Берлин, од каде на 15 јануари 1915 година заминува за Русија. Таму се запознава со стружанецот Владимир Каваев (1880 – 1931), кој подоцна и станува сопруг.
Со сопругот, Владимир Каваев доаѓаат во 1923 година во Струга, а четири години покасно во Охрид, за да го лекуваат и здравствено-хигиенски да го советуваат нашето население. Оттогаш, а посебно по крајот на Втората светска војна и по ослободувањето на Македонија таа е целосно посветена на одржувањето на здравјето на населението во овој регион.
Повеќе од четири децении Д-р Каваева беше посветен лекар, доајен на македонската педијатрија, активен општественик и хуманист. Борбата со маларијата и други заразни болести биле голем предизвик за брачниот пар Елена и Владимир Каваеви. Во здравствената установа “Маларична“ илјадници пациенти, најмногу доенчиња, деца и младинци од Охрид и околината беа најсовесно лекувани, вакцинирани, превентивно прегледувани, испраќани на лекување и рехабилитација во разни специјализирани установи во тогашна Југославија. Мајките добиваа совети како најдобро да се грижат за здравјето и хигиената во семејството.
Д-р Каваева повеќе години го раководеше и првиот Родилен дом во Охрид, каде секојдневно го контролираше здравјето на новороденчињата. Мајките ги советуваше дека мајчиното млеко е најдобро за бебињата.
Нејзиното име и презиме стана и метафора за лична хигиена кај граѓаните на Охрид. Кога во семејствата, на училиште, или било каде, охриѓани ќе забележеа како некој претерува со личната хигиена, ќе му кажеа: “Каваева си се сторил!”. Постари охриѓани и ден денешен се сеќаваат на нејзините зборови кога оделе на прегледи во нејзината ординација во објекот познат како „Маларична“.
-Не мора да сте богати. Не мора да сте облечени – ниту ала турка, ниту ала франка. Можете да дојдете со закрпени алишта, ама да бидат чисти!, велеше докторката Каваева која почина на денешен ден пред 41 година, на 2 јануари 1983 година во Охрид.