Во услови на неслобода и криза, особено затечени во гранична духовна состојба заради актуелната пандемија не може мирно и одмерено да се размислува, или да се извршат промени без култура: многу нешта го изгубија своето значење меѓутоа остана желбата повремено да го одблокирам застојот за да се ослободи интересот и креативниот импулс. Да се пишува „интересно“ не значи да се има критичко мислење, а да се гушка ГТЦ за да се одбрани заради неговата вредност од нападот на оние што го мрзат градот и модернизмот има сила на емоција, ама не и пресудна моќ таквиот чин да се спречи.
Се подигна гласот на граѓаните да се сочува Универзалната сала како дел од културниот живот на Скопје; таквиот глас ќе се слушне ама нема да биде пресуден за одлучувањето затоа што на сила се други интереси кои се многу далеку од културата. Овој вид реакција едновремено покажува колку немаме сигурни критериуми во вреднување на работите.
Одлучив да посетам седум-осум места во Скопје каде што сум живеел со семејството, а кои се поврзани со детството и зрелата возраст. Некои делови ми побудија живи и радосни сеќавања, но и меланхолично расположение заради грдите промени и изгубениот дух на местото:од некои места посакав да избегам. Населбата „Пролет“ беше убаво урбанистички решен дел на градот. Живеевме до пругата во заеднички стан на една двекатница; од тоа време возовите за мене имаат посебно и поетско значење (пристигнување, заминување итн.). Се дружев со некои мичуринци преку пругата. Тоа место денес е разбиено и сосем изменето заради силниот упад на објектот од Новата железничка станица (недовршен проект на големиот архитект Кензо Танге).
Во човекот не се бришат, барем некои траги од минатото, лично или историското. Скопје беше убав и мал но добро уреден град, со сиромашни но воспитани граѓани; По катастрофалниот земјотрес 1963 година очекував дека ќе се развива многу подобро и плански, меѓутоа не стана метропола туку хаотична мешавина од градско- селски елементи. Немоќни сме пред раширеното ѓубре, пред примитивизмот во однесувањето, пред миризбата на пластичните кабини-нужници, сосем немоќни пред уништувањето на градот и корупцијата! Иако град на солидарноста ги менувавме имињата на улиците! Почнавме да се симнуваме „во подрум“ (оној кој потсетува на пекол), создавајќи свој примитивен заробен „Догвил“во кој царува насилството.