Епидемиологот Даниловски до Комисијата за заразни болести: Дали сте бре нормални, ќе сте набавеле Паксловид во иднина!?

Епидемиолог Драган Даниловски на социјалните мрежи со реакција до Комисијата за заразни болести откако во јавноста беше објавено дека нема набавка на лекот за Ковид, Паксловид.

Во објавата на неговиот профил на Фејсбук Даниловски е вчудоневиден од однесувањето на Комисијата и на Министерството за здравство. Тој пишува следно:

„На Комисијата за заразни болести се дискутирало да се набави лекот против Ковид-19, Паксловид ама не сега, туку во иднина, ако се зголеми бројот на позитивни случаи. Министерството за здравство навело дека набавката ќе оди лесно и дека во моментот кога ќе побараат количини од производителот, ќе има доволно на располагање. Дали сте, бре, нормални? Ќе сте набавеле Паксловид „во иднина, ако се зголеми бројот на позитивни случаи“? Набавката ќе одела „лесно“?

Тактизирате, а? Зошто?

Сте чуле ли дека со зголемување на бројот на позитивни случаи, пропорционално расте и веројатноста да се зголеми бројот на случаи со тешка клиничка слика кои бараат хоспитализација, како и бројот на умрени?“.

Сте чуле ли дека Паксловид се дава кај ризични пациенти со лесна и средна клиничка слика во првите пет дена од почетокот на симптомите, токму за да се спречи да не добијат тешка клиничка слика и да завршат во болница или на гробишта? Како тоа да се спречи, ако немаме Паксловид?

Конечно, сте чуле ли дека веројатноста за појава на „пост-Ковид“ синдромот („долг Ковид“) е поголема кај оние со тешка клиничка слика?

Дали воопшто знаете колку ризични поединци во моментов имаат респираторни инфекции? Не знаете.

Дали знаете дека бројот на „настинки“ постојано расте? Е, тоа го знаете. И ќе расте сѐ повеќе.

Ако Паксловидот веќе го имавме на располагање, ќе можевте да му советувате на Министерот за здравство да ги повика ризичните поединци да се тестираат – самостојно или кај својот матичен лекар. Па, ако се утврди Ковид-19, матичниот лекар да процени дали смеат да се лекуваат со Паксловид. И тие што би смееле да го земат, би биле спокојни.

Како тоа да се спроведе ако немаме Паксловид?

Дознавам од мои извори дека неделава ќе сте собирале некаква работна група од клиничари за да ги „апдејтира“ лековите? Работна група? За што? Да проценува дали е потребно да се набави Паксловид?

Кои ќе бидат критериумите за донесување одлука за набавка? Бројот на потврдени случаи на Ковид-19? Или бројот на хоспитализирани? Или бројот на смртни случаи?

Колку време ќе биде потребно за набавка? Недела, две, месец, два?

Во тоа меѓувреме, колкумина ризични граѓани (ако се заразат) ќе бидат изложени на (избеглив) ризик да завршат во болница? Или на гробишта? Кој ќе сноси одговорност за тоа?

Четирите принципи на медицинската етика се:

  1. Полза (прави добро)
  2. Незлобност (не прави штета)
  3. Автономија (давање на пациентот слобода да избира слободно, онаму каде што е можно)
  4. Правда (обезбедување правичност)

Вие ги кршите првите два принципи!

-Ако не сте дораснати да се носите со предизвиците, одете си дома, потенцира во напишаното доктор Даниловски.

 

 

Претходна вестПолицијата кон нив се однесувала понижувачки и нехумано: Македонија треба да им исплати 13.300 евра отштета на сексуални работнички
Следна вестПараходот на Никола Бадев вечно ќе плови воздигнувајќи ја македонската музика