Ердоган победи на претседателските избори во Турција, Киличдароглу вети дека ќе ја продолжи борбата за демократија

Актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган победи во вториот круг од претседателските избори и е реизбран за претседател на Република Турција во наредните пет години. Ова синоќа го соопшти претседателот на Врховната изборна комисија на Турција, Ахмет Јенер, офцијално објавувајќи ги прелиминарните резултати од речиси сите преброени гласови од вториот круг од изборите.

Претседателот на Изборната комисија, кого го цитира Би-би-си, соопшти дека Ердоган е избран за претседател со освоени 52,1 отсто од вкупниот број на обработени гласови. Неговиот опозициски опонент, Кемал Киличдароглу, пак, освоил 47,8 отсто со речиси сите преброени гласачки ливчиња во вториот круг од изборите. Прелиминарните резултати говорат дека Ердоган го победи Киличдароглу со околу 2,2 милиони гласа разлика. Според досега обработените 99,4 отсто од вкупниот број на гласачки ливчиња, актуелниот претседател на Турција освоил 27 513 587 гласови, а неговиот опозициски противкандидат освоил 25 260 109 гласа.

Ердоган им се обрати на своите приврзаници, кои во голем број се собраа пред неговата резиденција во Истанбул, заблагодарувајќи им се што му ја дале одговорноста да владее во следните пет години.

Откако пееше качен на автобус, тој ѝ се заблагодари на нацијата што на Турција ѝ дала „Ден на демократијата“, а својот противкандидат Кемал Киличдароглу го поздрави со зборовите „Збогум Кемал“.

Опозицискиот кандидат Киличдароглу во говорот од седиштето на неговата партија во Анкара, не го призна поразот, но кажа дека и покрај сите притисоци, резултатите од изборите ја покажале волјата на народот за промена на авторитарната влада. Борбата за демократија, порача тој, треба да се зачува поради децата, пензионерите, мајките и татковците, земјоделците и трговците. Во својот говор, Киличдароглу обвини за, како што рече, „најнефер изборите во последните години“.

 

Претходна вестОблачно, нестабилно, со поројни дождови и грмежи
Следна вестЕвроскептицизмот во пораст, секој четврт македонски граѓанин против членство во ЕУ