ЕУ го забрани увозот на руската нафта со бродови, со цевководи може

Руската нафта не може да се увезува во земјите на Европската унија со бродови но може преку цевководи, компромисна е одлука која вчера ја донеле лидерите на ЕУ. Тие договорија план за блокирање на две третини од увозот на руската нафта.

-Ова веднаш покрива повеќе од две третини од увозот на нафта од Русија, отсекувајќи еден огромен извор на финансирање на нејзината воена машина. Максимален притисок врз Русија да ја прекине војната, напиша претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел на Твитер.

Договорено е привремено да има исклучок за руската нафта што се увезува преку цевководи. Брисел вели дека забраната е, сепак, поширока, бидејќи Германија и Полска се согласија постепено, до крајот на годината, да се откажат од увозот преку цевководи.

-Она што останува е околу 10-11 отсто преку јужна „Дружба“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, алудирајќи на рускиот цевковод преку кој Унгарија, Словачка и Чешка добиваат нафта.

Ова е дел од шестиот пакет европски санкции за Русија, кој беше најавен уште пред еден месец, но за него долго се дискутираше поради спротивставувањето на Унгарија. Новите мерки ќе ги погодат и најголемата руска банка „Сбербанк“ и три државни телевизии.

Европскиот совет кажа дека исклучоците одново ќе бидат разгледани што е можно побрзо. Унгарија беше главната опозиција на предлогот за целосна забрана за увоз, а Словачка и Чешка исто така побараа повеќе време поради нивната зависност од руската нафта.

Од друга страна, постојаниот претставник на Русија во меѓународните организации во Виена, Михаил Улјанов, се огласи на Твитер по веста дека ЕУ забранува најголем дел од увозот на руска нафта и по соопштението на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

-Како што вчера со право рече Фон дер Лаен, Русија ќе најде други увозници. Важно е да се напомене дека таа сега ѝ противречи на својата вчерашна изјава. Многу брзата промена во начинот на размислување покажува дека ЕУ не е во добра форма, напиша тој.

Претходна вестНад 12 милиони евра е штетата по вчерашниот пожар во „Пофикс“
Следна вестДома имал 45 пакувања марихуана и вага, го посетила полицијата…