ЕУ пак ни кажа дека многу не сака и ќе ги исполни ветувањата

 

Заврши уште еден самит на ЕУ. Голем дел од македонските политичари најавуваа и очекуваа добри најави за Македонија и нејзиниот прием во унијата. А што всушност се случи во Словенија каде што беше самитот?

Ни беше испратена пораката – „ЕУ изразува подготвеност за прием“. Но пак нема конкретен термин – датум за примање на земјите од западен Балкан во Европската унија. Обидот на земјата – домаќин Словенија примањето на овие земји во европското семејство да се случи до 2030 година, а што го поддржа и Австрија, не доби подршка од неколку држави. Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел отворено изјави дека „не поддржува воведување на конкретен датум“.

– Учесниците се согласија дека земјите од Западен Балкан припаѓаат на Европа, но јас не поддржав одредување фиксен датум за нивно пристапување во Европската унија. Навистина не верувам во одредување датум, но верувам во исполнување на нашите ветувања. Откако ќе се исполнат условите, пристапувањето може да се реализира, рече таа.

На самитот, на кој присуствуваа лидерите на 27 -те земји -членки на ЕУ и Западен Балкан – Албанија, БиХ, Црна Гора, Македонија, Србија и Косово, усвоена е Декларација во која ЕУ одново ја потврдува својата безрезервна поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан.

– ЕУ ги потврдува одново својата посветеност на процесот на проширување и своите одлуки донесени во таа врска, врз база на кредибилитетот на реформите на партнерите, справедливата и строга условеност и принципот на сопствените заслуги, се наведува во документот.

Ваквиот епилог предизвика бројни реакции. Бриселскиот портал „Политико“ оцени дека самитот „беше приказ на дволичност и двоен разговор, соништа и негодување, и исклучување на вистинските намери и суровата реалност“

-Лидерите на ЕУ прогласија поддршка за шест нации од Западен Балкан да се приклучат на нивниот клуб, истовремено признавајќи дека влезот процесот е ефективно заглавен, пишува Политико.

Швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг, пак, оцени дека односите меѓу ЕУ и шесте земји од Западниот Балкан станаа длабоко неискрени.

-Главната вина за тоа ја сноси ЕУ. На двете страни им е со години јасно дека нема да има проширување на ЕУ на Балканот. Сепак, и земјите-членки и Европската комисија цврсто се држат до празната реторика „за европска перспектива“ и „заеднички вредности“, напиша овој весник.

На самитот повторно се слушнаа изјавите на бриселските функционери дека ЕУ не се откажува од овој регион. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го повтори ставот што неодамна го изрази за време на нејзината посета на главните градови во регионот:

– Сакаме да испратиме многу јасна порака, а тоа е дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ. Ве сакаме во ЕУ, продолжите со реформите, целта е пред нашите очи, рече таа.

Сега ќе се чекаат нови средби, нов самит…

 

Претходна вестДецентрализирајте ги партиите за изборите да бидат навистина локални
Следна вестОвошјето поевтини, зеленчукот поскапе – од лани до сега цените скокнале за 5,6 отсто