ЕУ периодично одржува свои самити на кои го разгледува прашањето за своето проширување со нови членки. Со години на тие големи состаноци искажуваат подготвеност за проширување.
Овие денови имаше таков самит. Се испрати силна и уверлива порака до Западен Балкан. Сега се уште поподготвени.
-Состанокот на самитот беше можност да се потврди дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија“, изјави синоќа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел по самитот на 27 членки на ЕУ и шест земји од Западен Балкан.
Одлична вест. Потврдено е дека ЕУ ја сака Македонија во Унијата.
Уште поодлично беше тоа дека евробирократите ја потенцирале важноста од постепена интеграција на тие земји во одредени секторски политики за што поскоро да се почувствуваат придобивките од членството, а не само кога ќе заврши целиот процес и кога тие официјално ќе станат членки.
Феноменална вест. Сега останува уште да се почне со реализација на ветеното.
Уште пофеноменално е тоа што од Брисел најавија дека како помош за постепена интеграција, Европската комисија претстави план за раст на Западен Балкан вреден шест милијарди евра.
Брилијантна вест. Веќе можеме да планираме каде и што во Македонија ќе расте по примање на овие средства.
Едноставно, наеднаш од ЕУ ни дојдоа повеќе прекрасни вести. Дури претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен охрабрувачки потенцира дека планот се состои од четири столба.
-Првиот е отворањето на европскиот внатрешен пазар за земјите од регионот во седум области, како што се царинската политика, транспортот и роамингот.
Вториот столб предвидува формирање заеднички регионален пазар, кој би можел да го зголеми бруто домашниот производ на регионот за десет проценти.
Во третиот столб се очекува земјите од регионот да усвојат соодветни реформи кои ќе обезбедат еднакви услови за сите.
Четвртиот столб се инвестициите, објасни Фон дер Лајен.
Едноставно кажано, просто не може да се очекува повеќе од ЕУ. Тие го дадоа максимумот и своите ветувања јасно ги дадоа.
А Брисел од нас само очекува: „сменете го Уставот“, „дајте конкретни резултати од имплеметацијата на договорите со Грција и Бугарија“, „усогласете се со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и воведувањето санкции против Русија“, „направете…“, „почекајте…“, …