Еврејска заедница и Фондот на холокаустот: Згрозени сме и навредени од маската на Хитлер на карневалот во Струмица

Згрозени сме и навредени од се почестите антисемитски појави во нашата држава, реагираа денеска Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Тие реагираат на маската со ликот на Хитлер којашто се појавила на карневалот во Струмица и на појавата на графити со нацистички симбол – свастика.

– Сметаме дека е апсолутно неприфатливо, под закрилата на „хуморот и сатирата“ да се исмеваат 6 милиони Евреи жртви на нацизмот од кои 7.144 Евреи од Македонија а како што беше случај на карневалот во Струмица на којшто, помеѓу другите маски, беше и онаа со ликот на Хитлер. Таквата маска не е во духот на карневалот и е во спротивност со мултиетничкиот и мулти конфесионален карактер на Македонија и пораката „Едно општество за сите“. Таквата маска го отвора прашањето дали за нас Евреите има место во оваа држава, се наведува во реакцијата.

Во обраќањето се додава дека недоличните маски и глорификација на нацизмот и фашизмот не застанаа на карневалот.

-Само неколку дена по неговото одржување на 01.03.2023 на оградата на Еврејската заедница осамна графит со нацистички симбол – свастика. Дали јавната промоција на маската на Хитлер го потикна пишувањето на овој графит?, прашуваат од Еврејска заедница и Фондот на холокаустот

Тие потсетуваат дека македонската Влада уште на 8 март 2018 година, по повод одбележувањето на 75 годишнина од депортацијата на Евреите од Македонија ја прифати работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА) за борба против антисемтизмот, а потоа и работната дефиниција за искривоколчување и негирање на холокаустот.

-Усвојувањето на овие два документи значи и обврска за постојан ангажман и конкретно делување на сите институции на државно и локално ниво, но и на граѓанското општество и на сите нас како граѓани на оваа држава во спречувањето на ваквите појави а не нивна јавна промоција. Воедно, би сакале да укажеме дека уште во 2017 година Еврејската заедница предложи дополнување на Кривичниот законик, кои беа прифатени од работната група при Министерството за правда, а со коишто ваквите појави би се санкционирале соодветно, но за жал истите досега не се имплементирани, потенцираат од Еврејска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Претходна вестБилетите за ракометниот дуел Македонија – Португалија од денес во продажба
Следна вест„Леден прст на смртта“, убива се што ќе допре