Европскиот суд за човекови права пресуди: Спиро Ристовски неосновано бил држен во притвор за 27 април

996

Европскиот суд за човекови права пресуди дека ексминистерот Спиро Ристовски, обвинет во предметот „Организатори на 27 април“, бил неосновано држен во притвор. Покрај Ристовски, пресуда за неоправдано продолжување на притворот има и за Митко Пешов, раководителот на одделот за посебни единици во полицијата, кој беше осуден со казна затвор од 15 години за настаните на 27 април.

Утврдено е прекршување на правата од член 5, став 3 и 4 од Европска конвенција за заштита на човековите права во случајот „Пешов и Ристовски вс. Северна Македонија“, кој се однесува на наводно недоволно образложение во судските одлуки со кои се определува притвор и одредени процедурални пропусти во постапките по жалбите за притворот одреден на поранешниот министер Спиро Ристовски и раководителот на одделот за посебни единици во полицијата Митко Пешов во врска со кривичните постапки со инцидентот на 27 април 2017 година во Собранието.

Пред ЕСЧП најпрво стигнува жалба од Пешов, а потоа и од Ристовски, кои поради сличниот предмет на жалбите, Судот смета дека е соодветно да ги испита заеднички и заседава на 12 декември 2023 година.

Во пресудата објавена денеска ЕСЧП, едногласно одлучува и ги прогласува за прифатливи жалбите на апликантите според член 5 став 3 од Конвенцијата и нивните жалби според член 5, став 4 од Конвенцијата, а кои се однесуваат на одложеното разгледување на решението за притвор на Митко Пешов од 26 јануари 2018 година и наредбите за куќен притвор на Спиро Ристовски од 25 декември 2019 година и 23 јули 2020 година.

Судот утврдува дека има повреда на член 5 став 3 од Конвенцијата во однос на двајцата апликанти, додека во однос на Пешов смета дека има повреда на член 5 став 4 од Конвенцијата, поради задоцнетата достава на жалбата на јавниот обвинител против наредбата за неговиот домашен притвор и поради одложеното разгледување на неговиот притвор, а во однос на Ристовски, смета дека има повреда на член 5 став 4 од Конвенцијата поради тоа што не му се доставила копија од поднесоците на повисокиот јавен обвинител како одговор на жалбите на апликантот против десет наредби за продолжување на куќниот притвор.

Државата, се вели во пресудата на ЕСЧП, треба во рок од три месеци да плати по 750 евра на секој од апликантите, во однос на нематеријална штета, додека во однос на трошоци и расходи на Митко Пешов 1.440 евра, а на Спиро Ристовски 1.500 евра.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна вестНесериозно е што Ковачевски и Пендаровски продолжуваат со пимплањето околу наметнатиот рок за пасошите
Следна вестСедум мигранти од Сирија пронајдени во струмичко, криумчарот приведен