Европското злато ќе го потврдувам вгодина на три првенства во рок од еден месец

Кога една борба на почетокот се губи 5:0, а потоа се прави пресврт и се победува со 7:6 на поени, тогаш е јасно дека победникот е спортист-борач од посебен вид. А кога се знае дека има само 17 години и дека ова се случило во борбата за европската титула во борење за кадети, тогаш е јасно дека станува за посебен талент. А такви особини во себе има младиот Бесир Алили кој неодамна во јуни не израдува сите освојувајќи го европското злато на првенството во борење во Фиренца.

-Беше трешко оти Харутјун Хованисјан од Ерменија е добар борач. Тој тргна веднаш во офанзива и по првата рунда поведе со толкава разлика. Но, си реков дека нема лесно да се предадам. Тргнав и јас во напад и ми успеа. Се случи пресврт, поведов со 7:5 за да на крајот биде 7:6. Немаше крај на мојата среќа, ни објаснува Бесир потсетувајќи се на финалниот меч.

Во јавноста неговиот успех кој тој го прослави со развиорено државно знаме беше дочекан со голема радост. Како што тоа обично бива на виделина тогаш излегуваат и сите работи кои покажуваат колкав труд е вложен во тој успех. Тогаш се виде дека младиот борач од клубот „Лирија“ упорно тренира веќе речиси десет години, дека тренира секој ден и тоа најчесто двапати…

-Пред ова првенство морав да ослабнам дури седум килограми. Тоа не беше лесно, бев на посебен режим на исхрана, а и посебно тренирав – трчање на Гази Баба, двапати дневно тренизни… Ама вредеше, ни раскажува тој.

Интересно е што во негово семејство немало спортисти борачи. Брат му и татко му биле боксери. Но, решавачко било тоа што татко му бил пријател со тогашниот тренер во боречкиот клуб „Лирија“ и во една прилика го однел на тренинг тогашниот второоделенец. Искусниот тренер веднаш го видел талентот и потоа почнале тренинзите, советите…

-Следната година ме чекаат големи предизвици. Кон средината на годината пак ќе има Европско првенство за кадети, па ќе следи и Светско првенство за кадети во борење. Круна ќе биде Европското првенство за јуниори кое ќе се одржува токму во Скопје и на кое ќе сакам посебно да се докажам, наведува Бесир.

Она што е посебно е тоа што овие три првенства ќе се одржуваат во еден кус временски период – во рок од само нешто повеќе од месец дена. Освен ова, Бесир, кој сега има 17 години,  ќе учествува и на Европското првенство за јуниори во борење каде натпреварувачите се на возраст од 18 до 20 години. Тој ќе настапи со посебна лекарска дозвола, а за противници ќе има борачи кои се постари од него.

-Тоа нема да ме обесхрабри туку напротив, ќе ме мотивира уште повеќе да постигнам успех, ветува овој наш талент кој неодамна ја доби и „13-то ноемвриската“ награда на градот Скопје.

Добар и во напад и во одбрана

Неговиот сегашен тренер Суфија Исмаили, кој е заслужен за успесите на Бесир, ни објаснува дека нашиот млад борач има сестрани квалитети.

-Тој е подеднакво добар како кога треба да се тргне во напад, така и во одбраната. Тоа е многу важно во секоја борба. Инаку, сега направивме план за тренинзи и се ни е подредено на трите првенства кои не чекаат следната година. Ќе одиме на подготовките во Украина, Молдавија и Русија каде има добри противници, што ќе биде добро усовршување, ни рече Исмаили.