Силни анализи се изналушавме деновиве за новиот закон за високо образование.
Се анализираа и универзитетите, те за нивната автономија, те за финансирањето, те за начинот за избор во звања на професорите. А по страна се стави најважното – како конечно да се подобри наставата и како ќе се постигне студентите кои ќе дипломираат да имаат знаење.
Тоа фали во високото образование.
Факултетите станаа штампарии на дипломи. Со години се толерира праксата речиси секој што ќе се запише – да заврши, треба само да е упорен, а не и многу да учи и знае. Критериумот на оценување е многу низок.
Затоа и се случува лица со скромни академски квалитети да мафтаат со дипломи и преку партиите да стануваат раководни кадри во државата. Време е да се стави крај на ова, факултетите не треба да дозволуваат приучени лица да дипломираат.
Оценувањето е премлако, критериумите разводнети, а дипломата се помалку е гаранција за квалитет. Залудно ќе се принудуваат професорите да објавуваат научни трудови за напредување, ако тие не држат редовни и добри предавања и не ги принудуваат студентите да пишуваат сериозни семинарски и дипломски трудови.
Ќе се расправа ли за ова или пред се ќе се расправа за плати, за нови згради и слично, останува да се види.



