Фестивал на јапонската култура во Скопје

Денес со почеток во 11 часот, во просториите на Јавна Соба (Public Room) во Скопје, ќе се одржи Нихон-Џи Фестивалот во организација на Јапан.нет.мк (japan@mk).

Фестивалот, прв од ваков тип, ќе прикаже повеќе аспекти од јапонската култура, вклучително литература, хаику поезија, кинематографија, музика, архитектура, боречки вештини, гастрономија, мода и поп култура, односно аниме, манга, косплеј и видео игри, со цел да го пренесе совршениот микс на традиционалното и модерното од Јапонија во Македонија.

Во рамките на фестивалот ќе се претстават над 20 уметници и илустратори, 3 модни дизајнери, 7 хаику поети, 4 доџоа, професори, критичари, технолошки експерти, околу 48 гејмери, љубители на стратегиски игри, бонсаи градина и се очекува голем број косплеери.

Посетителите ќе можат да присуствуваат на работилници за специфични јапонски занаети (кумихимо, монкири и церемонија за чај) и на три посебни трибини (Културно општествена трибина: Јапонски животни и работни навики, култура, менталитет и општествени норми; Аниме: Разликата помеѓу западната и јапонската анимација и Литература: Популарни јапонски концепти во литературата и уметноста кои наоѓаат своја примена во зголемување на квалитетот на живот).

Фестивалот исто така ќе вклучи и турнири во игрите Текен, Покемон Го и Ју-Ги-О, како и продажен дел со суши, јапонско виски, јапонски чаеви, стратегиски друштвени игри, јапонски книги и манга стрипови, рачни изработки со јапонски мотиви, аниме фигури, итн.

Фестивалот ќе биде свечено отворен со присуство на амбасадорот Савада Хиронори, а ќе биде затворен со диџеј сет со јапонска музика и караоке настан.

Деталната програма и учесниците се наведени на официјалната страна и на Фејсбук настанот.

Нихон-Џи Фестивалот е подржан од Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија.