„Филхармонија и Архангел за Скопје“ на 25 јули во Градскиот парк

Во рамки на програмата за одбележување на 58-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 25 јули во 21 часот во Градскиот парк, ќе се одржи концерт на Филхармонија на РМ и „Архангел“, насловен како „Филхармонија и Архангел за Скопје“.

На денешната прес-конференција присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорката на Македонска филхармонија, Тина Иванова, диригентот Џијан Емин и фронтменот на групата Архангел, Ристо Вртев.

– Ми претставува чест и задоволство да најавам дека 58-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје ќе ја одбележиме со концерт на оркестарот на Филхармонија на отворено во Градскиот парк. Во понеделник во 21 часот ќе имаме можност да уживаме во музиката на култниот скопски и македонски бенд Архангел во автентична оркестрација на Џијан Емин, кој воедно е и диригент на концертот. Станува збор за една исклучителна можност да се чујат безвременските песни на Архангел како еден од најзначајните македонски бендови во изведба на Филхармонија и Ристо Вртев, фронтменот на Архангел – кажа Шилегов.

Ристо Вртев изјави дека е задоволство и привилегија за секој музичар да настапува со Македонската филхармонија, и дека со овој концерт ќе придонесат за развојот на културата и културната понуда во Скопје.

Диригентот Емин и директорката Иванова ги поканија сите уживатели на добрата музика да дојдат во понеделник во 21 часот во Градскиот парк, притоа апелирајќи да се придржуваат на ковид протоколите.