Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека мерките за заштита од Kовид-19, кои се во македонското собрание, мора итно да се донесат.
-Пратениците да покажат одговорност и што побргу едногласно да се изгласаат двата пакета на мерки за заштита на населението и спречување понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство за важноста за почитување на мерките. Тие се целосно издржани, базирани на анализите на Институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. Исти или слични мерки во моментот веќе се во сила во сите европски држави, потенцира министерот Филипче.
Нема повеќе време за одлагање, состојбата со вирусот е сериозна.
-Истовремено, им порачувам на граѓаните дека и постојните мерки и препораки се во интерес на заштита на нивното здравје и мора доследно да се почитуваат. Болниците се полнат и сите треба да сме свесни дека од секого од нас зависи како ќе ја надминеме состојбата. Следуваат ризичните есенски и зимски месеци и барам високо ниво на свест и почит кон трудот на здравствените работници, посочува Филипче.
За потсетување: Најголемата опозициска партија во македонскиот парламент ВМРО-ДПМНЕ сака да даде свои предлог мерки за заштита од корона вирусот покрај оние што ги предлага Владата. Ова, според партиски извори, било причината што ВМРО-ДПМНЕ денеска побарало време да ги разгледа предложените мерки од страна на Владата.
Какви забелешки и нови предлози ќе даде ВМРО-ДПМНЕ не е познато. Познато е, членот на Извршниот комитет на оваа партија инфектологот Вело Марковски се спротивствува на носењето маски на отворни простори, што е една од мерките што сега се предлагаат од Владата. Тој смета дека носењето на маски на здрав човек е штетно.