Филипче: Нема потреба од полициски час и нови рестриктивни мерки

Нема да има потреба од повторно воведување на рестриктивни мерки, како полицискиот час во Србија кој претседателот Александар Вучиќ го најави за петок од 18 часот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој додаде дека во прилог на ваквиот став оди и фактот што во Mакедонија се намалува бројот на лицата заразени од корона вирусот и на оние кои се хоспитализираат во  болниците.

Одговарајќи на новинарските прашања на денешната симулација на безбедно гласање во организација на ДИК, министерот за здравство рече дека препораката за ПЦР тестови за државјаните на Србија, Косово, БиХ и Црна Гора при влез во нашата земја е врз основа на епидемиолошката слика

-Во најскоро време Владата на седница ќе го разгледува овој предлог на Комисијата за заразни болести. Оваа наша одлука и препорака се должи исклучиво врз основа на податоците коишто ги собиравме изминатите денови, а коишто ни ја прикажаа вистинската епидемилошка слика во сите овие земји за која што ние сметаме дека е многу полоша од нашата во овој момент, изјави министерот.

Во случај државјани на овие земји само да транзитираат низ нашата земја тогаш можат да ја поминат границата без ПЦР тест.

-Изминатите неколку дена има еден тренд на многу помалку приеми во болниците. После многу денови во текот на утрово има под сто вкупно хоспитализирани во болницата „8 Септември”. Бројката беше околу 120, 130 две до три недели наназад, сега околу 90. Значи има и добар дел на пациенти што се испишуваат. Се надевам дека овие трендови ќе продолжат и понатаму, рече Филипче.

Претходна вестНа интернет кружат порнографски видеа со девојки и жени од гевгелиско
Следна вестТри проекти за летни сцени во Градски парк: ќе останат ли само на хартија како Луна паркот?