Фирмите нека поправат некому покрив, а не да расфрлаат пари за новогодишни гозби

Да се смени „традицијата“

Најразлични подароци, роковници, календари, скапи пенкала, прослави за вработени и деловни партнери по ресторани со посебни менија… сето ова е вообичаен декор со кој фирмите, но и јавните претпријатија, општини и други институции вообичаено ги проследуваат новогодишните празнувања. Нели е време трошењето на илјадници евра за оваа намена да се сведе на минимум? Лани, на пример, медиумите обзанија дека само општина Ѓорче Петров за новогодишна репрезентација потрошила цели 13.000 евра набавувајќи роковници со тврди корици, со вештачка кожа, ѕидни календари. Ако половина од тие средства се заштедеа, колку сиромашни лица со тие пари ќе можеше да се  усреќат?

Да не зборуваме за тоа дека таков вид на „репрезентација“ најчесто се дава на оние на кои и не им е најпотребна. Многу тефтери и календари набргу завршуваат во корпа за отпадоци.

Поради сето ова, овој предновогодишен период е вистинско време за менување на старите навики. Дел од средствата да се сочуваат и поделат на оние наши сограѓани кои се наоѓаат во незавидна социјална положба, кои се сиромашни и кои не знаат како ќе го протераат наредниот ден. Такви наши сограѓани не се малку. Алармантно звучи податок дека 80-90.000 граѓани во Македонија често немаат ниту еден оброк во текот на денот.

-Безобразно трошат и државните и локалните фирми на ручеци и послеработни забави особено околу Нова Година. Директори и шефови тогаш се прават многу галантни, а всушност се расфрлаат со пари кои може да се дадат за конкретна работа, како на пример некому да му се поправи покривот, децидна е Маријана Л.

Апел фирмите да помагаат испраќа и докажан хуманитарец.

-На нашиот список имаме 230 семејства на кои редовно им доставуваме помош, а само во овој месец примивме барања на нови 20 семејства. Меѓу нив има и самохран татко кој се грижи за пет дечиња. Апелирам до фирми, општини и други институции она што планираат да го потрошат за новогодишни репрезентации и славења да го пренаменат за помош на сиромашните, насекаде каде ги има, ни рече отец Оливер Петровски, од хуманитарна организација „Свети Спас“ од скопско Драчево.

Тој посебно апелира до општините да го прават ова бидејќи како општините, така и нивните градоначалници, за своја главна обврска треба да имаат грижа за жителите.

-Градоначалникот е татко на општината, татко на сите граѓани и треба да најде начини да им помага. Освен две-три општини другите не се многу активни во тој поглед и треба повеќе да се ангажираат, вели отецот.

 Најважни се храната и хигиенските средства

Хуманитарните организации кои што им помагаат на сиромашните укажуваат дека им е најпотребна помошта во храната и во хигиенските средства.

-Храната и хигиенските средства се нешто што секојдневно се троши и за што постојано има потреба. За чоколади и пакетчиња за децата некако ќе се снајдеме. Но, најважно во секој дом е да се има нешто да се јаде. Познато е дека кај нас се уште се фрла многу храна, околу 100.000 тони годишно, а со која би можеле редовно да се хранат илјадници семејства, потенцираат хуманитарците.