Фондот за иновации потрошил над милион евра за хонорарци и експерти, кои биле примани без критериуми

Речиси 750.000 евра биле потрошени во периодот 2019-2021 година за ангажман на надворешни лица, додека над 260 илјади биле потрошени за експерти во Фондот за иновации и технолошки развој, се вели во Ревизорскиот извештај за оваа институција. Проблематично е тоа што ангажираните биле без соодветна систематизација.

– ФИТР континуирано ангажира надворешни лица кои извршуваат работни задачи поврзани со дејноста, за кои во периодот 2019-2021 година исплатени се средства во износ од околу 46 милиони денари, се вели во извештајот на ревизорите.

Но како што се наведува актите за систематизација и организација на работните места не соодветствуваат со надлежностите, тежината и обемноста на задачите на ФИТР, односно од систематизирани 16 работни места, пополнети биле само осум.

– Ревизијата смета дека ангажирањето на лица со договор за дело и покрај обезбедената согласност од надлежното министерство, придонесува за нетранспарентност и субјективно постапување при склучување на договори и одредување на месечниот надоместок за работниот ангажман на лицата кои се континуирано ангажирани во ФИТР подолг временски период, пишуваат ревизорите.

Освен тоа, според извештајот, ФИТР ангажирал и стручни лица за евалуација и давање стручно мислење на проектите од објавените јавни повици за финансиска поддршка, за кои биле исплатени околу 260.000 евра.

– Од страна на ФИТР не се преземени активности за категоризација на запишаните стручни лица во соодветни секции во Регистарот од кој ќе се избираат стручните лица по систем на ротација, не е формирана Комисија за оценување на стручните лица, не е донесен акт за работа на Комисијата и не се врши тестирање и интервју за оценување на стручните лица, врз основа на што ќе се изврши ажурирање на листата со редните броеви на стручните лица запишани во Регистарот, пишува во извештајот на ДЗР.

Понатаму, според ревизорите, ФИТР во периодот 2019-2021 година од објавените јавни повици склучил договори за 364 проекти, од кои заклучно со 20.05.2022 година, реализирани биле 93, а во тек се 258 проекти.

Од увидот, ревизорите заклучиле дека во одлуките за финансирање од Комитетот за одобрување на инвестиции воопшто не е определен рок за склучување на договорите за доделување на средства, а корисниците не доставувале навреме квартални/завршни извештаи за претходно спроведени активности, што придонесувало за пролонгирање на времето на реализација на проектите.

Претходна вестПриведен разбојникот кој поради „тешка кражба“ беше баран со потерница
Следна вестОд 12-ти мај со авион ќе се лета од Скопје до Сплит