Франција можно е да забрани објавување на фотографии од деца на социјалните мрежи

Франција наскоро би можела да забрани објавување на фотографии од деца на социјалните мрежи. Политичарите во оваа земја изнеле нов предлог-закон кој би спречил родителите да објавуваат фотографии и видеа од своите деца, известува „The Times“.

Лидерот на една кампања против објавување на фотографии од деца на интернет Томас Рохмер од Опсерваториумот за родителство и дигитално образование, го опиша таквиот чин како облик на онлајн злоставување.

– Оваа пракса претставува дигитално насилство, смета тој.

Анкетата која ја спровела оваа институција, покажала дека повеќе од половина од француските родители објавувале фотографии од своите деца на Инстаграм и ТикТок, а 90 отсто тоа го правеле кога децата имале помалку од 5 години.

Бруно Студер од партијата на претседателот Емануел Макрон го поднел предлог-законот како одговор на загриженоста поради постојаното објавување на фотографии и видеа од мали деца и трендовите во кои тие се исмејуваат и понижуваат поради лајкови. Тоа вклучува видеа како оние во кои родителите им фрлаат парчиња сирење во лицата на своите бебиња и ги снимаат нивните реакции.

Во својот предлог-закон, Студер истакнува и дека половина од сите фотографии кои се разменуваат на педофилските форуми се фотографии кои самите семејства ги објавиле на социјалните мрежи.

Државната секретарка Шарлот Каубел го поддржа предлог-законот, кој се очекува да помине во прво читање оваа недела, велејќи: „Ова се однесува на оние кои ги користат децата за да заработат пари или да го подобрат својот имиџ“.

Доколку законот биде усвоен, тој ќе им овозможи на судиите на семејните судови да им го одземат правото на родителите да објавуваат фотографии и видеа од нивните деца.

Во предлог-законот се наведува дека „детето треба да биде вклучено во секоја одлука за споделување на негови фотографии на интернет, според возраста и степенот на зрелост“.

Претходна вестПриведени двајцата крадци на стоматолошки материјал во гостиварско
Следна вестОдложено и третото рочиште за случајот со родилката од Дебар