Не се соборуваат рекорди во Скопје само со корона вирусот. И криминалците не се даваат, запнуваат.
Вкупно околу 25 милиони евра изнесува материјалната штета која во сите области на криминалот ја направиле скопските криминалци. Ова го покажува Годишниот извештај за 2019 година кој е направен од Секторот за внатрешни работи – Скопје при Бирото за јавна безбедност на МВР. Се работи за редовен годишен извештај кој се доставува до Советот на Град Скопје чии советници го разгледувале на вчерашната седница.
-Вкупната материјална штета изнесува 1.548.975.050 денари, а што е за 96,41 процент повеќе отколку што изнесуваше штетата во 2018 година – 788.649.178 (околу 12 милиони евра). Од ова на економски криминал отпаѓа 978.566.408 денари (16 милиони евра), на класичен криминал 570.378.642 (9 милиони евра), а на организиран – 30.000 денари, се наведува во извештајот.
Не е наведено на кои криминални дела се должи толкаво зголемување на материјалната штета направена од криминалците.
Инаку, на подрачјето на Скопје лани имало вкупно 10.838 регистрирани кривични дела кои се гонат по службена должност, што е помалку од 12.445 откриени во 2018 година. Најмногу имало кривични дела против имотот – 8.575. Со непознат сторител имало 8.432 дела, со познат сторител 2.284 а на лице место биле фатени 122 сторители. Расветлени биле 1210 дела, а вкупно биле пријавени 3.740 лица од кои дури 1.941 се повратници во криминалот.