„Фрлате бомба во најнаселениот дел од Скопје“ им порачаа аеродромци на властите за идејата да се трансферира дел од Центарот за зависници во „Јане Сандански“

Стотина граѓани се собраа денеска претпладне пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром за да кажат гласно „не“ за дисперзирање на дел од Центарот за зависници од Кисела Вода во токму оваа болница.
-На двесте метри радиус има две градинки, две основни училишта, пензионерски дом, игралиште за деца и густо изградени згради со млади брачни парови со деца. Овде не е правото место за да им се дозволи да земаат метадонска терапија. Па, фрлаат „бомба“ во среде метеж, така му доаѓа, коментираат граѓаните.
Велат не се против овие лица, зависници, но истовремено велат не се компетентни да даваат идеи како проблемот да се реши. Сепак има и такви кои размислуваат поинаку.
-На пример може дел од повратокот на ДДВ-то да се пренамени за изградба на друг Центар надвор од населено место. Ние граѓаните не сме против овие лица само „Јане Сандански“ не е решение, додаваат.
Денешниот протест велат е само почеток ако работите во меѓувреме не се променат. Според последната одлука на министерот Филипче Центарот од Кисела Вода ќе се дисперзира во повеќе населби, меѓу кои поликлиниката во Ченто, 8-ми септември во Карпош и болницата во Бардовци.