Фрштат клетви и најави за тужби за парламентарните кумови, но и честитки од ЕУ и НАТО

Реакциите на граѓаните по синоќешното менување на името на државата во Република Северна Македонија не стивнуваат. Првичните реакции беа од неколкуте стотини лица кои протестира пред парламентот за време на донесувањето на одлуката.
-Со полиција се заштитија, а велат дека гласаат за наше добро. Без срам ја погазија Македонија и народот кој на референдум кажа дека не е за промена на името, ни рече скопјанецот Ѕвонко кој објасни дека последните три дена бил цело време на протестите.
Од друга страна, од владата пак, се огласија со сопштение во кое им честита на сите граѓани и пратеници за преземената одговорност со којашто на земјата и се отвораат вратите за НАТО и ЕУ.
На ова бурно реагираа граѓаните на социјалните мрежи.
-Борбата дури сега почнува, гадинките се откриени; Сите што гласаа ќе добијат тужби; Злочинот кон Македонија е извршен, но правдата ќе стигне; Поради амнестирани ја изгубивме државата; Опозицијата не направи ништо да го спаси името на Македонија; Зошто не слават на плоштад ако толку добро и донеле на земјата… беа дел од реакциите.
Уставните измени за многумина се повод да упатуваат навреди, дури и клетви до оние кои работеле за промена на името. Но од друга страна пак, поборниците да се укине името на Македонија добија честитки од првите луѓе на ЕУ и НАТО, како и од своите истомисленици.