Г.г. Стефан: И благодариме на СПЦ за препораката за автокефалност

Благодарност на Бога и на сестринската Српска православна црква за издавањето на препораката со која МПЦ-ОА се претставува како подготвена за автокефалност, искажа денеска македонскиот архиепископ г.г. Стефан. Во официјалното соопштение кое го издаде неговиот Кабинет се наведува дека со ова е заокружен процесот на помирување меѓу двете Цркви.

-Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Му благодари на Милостивиот Бог, а воедно и на сестринската Српска Православна Црква (СПЦ) за снисходливоста и покажаната љубов за помирување и за навремено и брзо решавање на меѓусебниот однос и административните аспекти, што произлезе како насока од страна на Великата Христова Црква во Константинопол и со актот за враќање во канонско единство на Охридската Архиепископија и со сите досегашни напори. Овој процес меѓу двете Цркви беше заокружен вчера во Белград, како меѓусебно решение, со издавањето на официјален документ, како своевидна препорака со која нашата света Црква се претставува како подготвена и достојна за автокефалност, се наведува во дописот.

Македонскиот архиепископ г.г Стефан натаму наведува дека сега се прават подготовките за заедничко сослужување до Вселенската патриајршија.

-Известуваме дека во наредниот период, при официјалната посета на Фанар за Педесетница, што со голема радост ја очекуваме и кога ќе биде официјализирано нашето прифаќање во сеправославното литургиско и канонско единство, претстои да биде известена Вселенската Патријаршија за решението на СПЦ за да бидат затворени сите управни прашања меѓу двете Цркви. Изразуваме полноцрковна надеж, во блиска иднина да се пристапи кон финализирање на нашето црковно прашање и со издавање на општопризнат Томос од страна на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, согласно неговите законски и историски принадлежности, наведуваат од Кабинетот на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Инаку, индикативно е дека во соопштението на поглаварот на МПЦ-ОА не се наведува дека вчера бил добиен Томос за автокефалност од СПЦ. Српските медиуми, но и самата СПЦ, на своја официјална страница информираа дека на МПЦ-ОА и е доделен “Томос со кој се потврдува автокефалност на МПЦ-ОА“. Тоа веднаш предизвика дилеми во јавноста дали СПЦ можеше да издаде таков Томос и дали тоа ќе го попречи признавањето на МПЦ-ОА како автокефална црква од страна на Вселенската патријаршија.

Претходна вестМожат ли полицајците и судиите да воведат ред на улиците кои се полни со здивени луѓе?
Следна вестЕкспресно: Владејачкото мнозинство реши однесувањето на Талат Џафери да се тргне од расправа