Г20: Осуда за војната во Украина и предупредување за нуклеарна катастрофа

Усвоена декларација околу војната во Украина на Г20. Имено, групата водечки светски економии Г20 на крајот на дводневниот самит во Бали, Индонезија, усвои заедничка декларација за руската инвазија врз Украина. Како што пренесе ДПА, и покрај големите разлики, декларацијата беше усвоена од сите земји на Г20, вклучително и Русија.

– Повеќето членки силно ја осудија војната во Украина, се вели во текстот, и покрај првичниот отпор од Москва на таквата референца.

Во текстот рускиот напад врз соседот се нарекува војна, а не „специјална воена операција”, како што бараше рускиот претседател Владимир Путин. Москва на самитот ја претставуваше министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој веќе си замина од Бали, неколку часа пред да биде усвоена конечната декларација.

Пред самитот преговарачите не беа сигурни дали групата на земјите во развој и развиените земји ќе успеат да договори заедничка декларација, со оглед на нејзините длабоки поделби околу војната во Украина.

Декларацијата упатува на резолуцијата на ОН од март во која се бара „целосно и безусловно повлекување” на Русија од Украина.

Лидерите на Г20, исто така, издадоа јасно предупредување за нуклеарна војна.

– Употребата или заканата за употреба на нуклеарно оружје е недозволива, се вели во заедничката декларација.

Западните држави сепак беа помалку успешни во постигнувањето силен заеднички јазик за енергетската безбедност, која во Европа е загрозена особено поради драстичното намалување на испораките на руска нафта и гас.

Членки на Г20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Велика Британија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција и САД, како и Европската Унија.

Претходна вестМедведев: Западот водејќи хибридна војна против Русија се приближува кон светска војна
Следна вестМицкоски: Власта веднаш треба да отпочне со затворање на сите бугарски клубови