ГАК: Бугарија нема промена на ставот за Македонија

Нема промена во ставот на Бугарија за почеток на преговорите со Македонија за влез во ЕУ, објави БНР по состанокот на Советот за општи работи (ГАК) што се одржа вчера во Брисел. На состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, Румен Александров, најпрвин изразил длабоко сочувство за инцидентот во кој загинаа 45 македонски граѓани и истакнал дека Северна Македонија се уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција, информираат бугарските медиуми.

Тој истакнал дека Бугарија во последните месеци предложила голем број опции за надминување на отворените прашања како гаранции за правата на луѓето со бугарска самосвест, како и дека Македонија треба да преземе конкретни обврзувачки обврски, од кои некои треба да бидат исполнети на краток рок, а останатите да бидат меѓу барањата на идната преговарачка рамка. Александров рекол дека пред тоа да се случи не може да се очекува напредок.