Само 20 проценти од граѓаните во земјава очекуваат 2024 година да биде подобра од 2023 (светскиот просек е 39 проценти), 34 отсто сметаат дека ќе биде полоша (светскиот просек е 26 отсто), а 40 проценти дека ќе биде иста како годинава (светскиот просек е 28 отсто), покажува традиционалното глобално истражување на Галуп интернешенел „Крај на годината“, кое во РС Македонија го спровела БРИМА во периодот од 1 до 22 декември со анкетирање лице-в-лице на 1203 испитаници.
Во регионот, Косово (68 проценти) и Албанија (57 отсто) се со највисок степен на „позитивни“ одговори на испитаниците, т. е оние кои сметаат дека 2024 ќе биде „подобра“ од 2023.
Нешто слично како и во Македонија (20 отсто), и во Србија (19 проценти) и во Бугарија (18 отсто) испитаниците покажуваат висок степен на песимизам за наредната година.
Во врска со економскиот просперитет, на прашањето „Во споредба со оваа година, според вас, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја?“, испитаниците во земјава и по ова прашање покажуваат видлив песимизам и се под светскиот просек, каде 17 проценти сметаат дека 2024 ќе биде година со економски просперитет (светскиот просек е 28 отсто), 42 отсто сметаат дека 2024 ќе биде година со економски потешкотии (светскиот просек е 39 проценти), а 35 отсто дека ќе биде иста како 2023 година (светскиот просек е 29 отсто).
Во регионот, Албанија (54 проценти) и Косово (46 отсто) остануваат над светскиот просек кога е во прашање економскиот просперитет за 2024-та година, спротивно на тоа, ниски 16 проценти има во Србија и 10 отстово Бугарија каде испитаниците сметаат дека ќе има економски просперитет во 2024 година.
На ова глобално истражување испитаниците беа прашани и „Дали очекувате следната 2024 година да биде за светот помирна, понемирна или иста?“.
Во Македонија, на ова прашање 18 отсто сметаат дека следната година ќе биде помирна од 2023 (светскиот просек е 26 отсто), 34 проценти дека ќе биде „понемирна“ (светскиот просек е 39 отсто) а 41 проценти дека ќе биде иста (светскиот просек е 29 отсто).
Испитаници кои сметаат дека 2024 ќе биде „помирна“ во споредба со 2023, од земјите во регионот во највисок процент се во Албанија (45 отсто) и Косово (33 проценти), наспроти Србија (13 отсто) и Бугарија (9 проценти). Во Албанија 20 отсто сметаат дека ќе биде „понемирна“, 42 отсто во Косово, 46 проценти во Бугарија и 50 отсто во Србија.